Corner Судство

8-ма Седница на Уставниот суд на РМ 23 Март 2016

На 23.03.2016 година, со почеток од 09:00 часот, се одржа 8-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше вополн состав од 9 судии. Присутни беа претставници на ОБСЕ и еден новинар/снимател од TV 21.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.  Член 2 став 1 алинеја 2, во делот: „културата“ и член 14 став 2 алинеја 19, во делот: „подгрупа 4 – даватели на јавни услуги во областа на културата“ од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“бр.27/2014 и 199/2014)

Реферат У.бр.22/2015

2.  Член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013).

Реферат У.бр.103/2015

3.  Одлука за донесување на Детален урбанистички план за четврт И 11, општина Аеродром – Скопје, донесена од Советот на општина Аеродром на 28 јануари 2014 година („Службен гласник на општина Аеродром“ бр.3/2014)

Реферат У.бр.77/2015

4.  Член 4 став 1 точка 7 од Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/13, 126/13, 11/15, 25/15 и 77/15).

Реферат У.бр.126/2015

Точка I.1

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Сали Мурти накратко го изложи својот реферат. Тој истакна дека има уставно-судска пракса која е во директна врска со овој предмет, а дополнително во рефератот е содржано и мислење од Владата на Република Македонија. Судијата Муратиизјави дека целосно останува на наводите во рефератот.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Сали Мурати, наведувајќи дека во судската сала има јавност, подетално го изложи својот реферат. Тој истакна дека подносителот на иницијативата смета дека наведените членови се спротивни на член 8, 9, 11, 20 и 50 од Уставот на РМ. Ова од причина што еден од условите за регистрирање на политичка партија е доставување на оригинали или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар. Ваквата обврска повлекува финансиски издатоци за основачите, односно по 150 денари од основач. Подносителот посебно ги потенциралслободите на здружување пропишани со член 20 од Уставот на РМ. Дополнително судијата Мурати, истакна дека подносителот сметал дека непотребно се наметнувала обврска за плаќање на административна такса. Во рефератот било содржано и мислење на Владата на РМ. Судијата изјави дека постои уставно-судска пракса односно Уставниот суд веќе расправал по ова прашање содржано во Рефератот заведен под број У.бр.55/2013 и согласно член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд иницијативата треба да се отфрли. Уставниот суд тогаш решил да не поведе постапка по ова прашање, а тој имал издвоено мислење што е содржано во овој изготвен реферат.

Во излагањето на рефератот судијата Мурати понуди компаративна анализа за тоа како ова прашање е решено во други земји, поточно за Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Хрватска. Во Хрватска на пример можело да се врши регистрација само со лична карта, а доколку лицето немало лична карта, пасош, или воена книшка, тогаш регистрацијата може да се изврши со уверение за државјанство. Во Црна Гора, за разлика од Македонија каде за основање на политичка партија се потребни 1.000 основачи, во Црна Гора тој број е 200, а во Босна и Херцеговина 500. Судијата Мурати во своето излагање дополни и дека вака како што е поставена постапката за регистрација на политичките партии е комплицирана. Имено, не е јасно зошто ако поседување на лична карта и пасош е доказ за државјанството, дополнително е потребно да се приложи и уверение за државјанство. Овој факт дополнително и непотребно ги оптоварува граѓаните со административни трошоци. Судијата Мурати даде примери од други закони каде личната карта, односно пасошот се доволни докази за тоа дека лицето е државјанин на РМ. Такви одредби постојат во законите за лична карта, државјанство, нотаријатот и прибавување и размена на докази по службена должност. Според тоа, судијата Мурати смета дека треба да се отвори постапка за евентуална промена на претходен став на Уставниот суд.

За збор се јави судијата Јосифовски и истакна дека Уставниот суд веќе се произнел по ова прашање и решил да не поведе постапка. Тој го праша судијата известител што е фактички променото. Според судијата Јосифовски немало основи за поинакво одлучување и тој предлага иницијативата да се отфрли. Дополнително тој имаше технички забелешки на самиот реферат, односно дека одвоеното мислење на судијата Муратине претставува дел од решението со кое било одлучено за оваа материја да не се покренува постапка.

За збор се јави судијата Мурати и истакна дека неговото издвоено мислење не е составен дел на решението, но е во склоп на целиот предмет. Тој посочи дека кога минатиот пат се одлучувало по ова прашање, Уставниот суд не ги имал предвид другите закони што тој ги наведе во рефератот, а бидејќи во Македонија не постои закон за одземање на државјанство, тоа значи дека доколку некој поседува лична карта се подразбира дека има и државјанство на Република Македонија.

За збор се јави судијата Јосифовскии изјави дека Законот за прибавување и размена на докази е од мај 2013, а Уставниот суд одлучувал во декември 2013 година што значи дека истите закони биле на сила во правниот промет кога одлучувал Судот. Дополнително тој истакна дека и тој кога требало да предаде документација кога бил кандидат за претседател на Државната изборна комисија, во сабота морал да вади уверение за државјанство, а и покрај тоа што тоа значело вонредно доаѓање на работа на заменик-министер на Министерството за внатрешни работи и судијата Јосифовски морал да плати такса, тоа не претставувало проблем. Исто така дополни дека ако претенденти што планираат да формираат парија која би се борела да освои власт имаат проблем да издвојат 150 денари за уверение за државјанство, тогаш не се сериозни кандидати на политичката сцена. Судијата Јосифовски истакна и дека во инцијативата имало барање за времена мерка, но тоа во рефератот не било споменато.

За збор се јави судијката Гзиме Старова и најпрво му честиташе на колегата Мурати за одлично изготвениот реферат кој бил содржаен и исполнет со издржани аргументи. Дополнително му честиташе на колегата Мурати за тоа што и покрај тоа што за ова прашање веќе било одлучувано тој успеал да отвори дискусии и дилеми. Таа понатаму истакна дека уверение за државјанство мора да се достави и за најобично вработување и дека и таа има најмалку 5 пати досега доставувано уверение за држвјанство по разни основи. Судијката Старова директно му се обрати на судијата Јосифовскии кажа дека колегата Јосифовски како кандидат за претседател на ДИК кога требал да вади уверение за државјанство била отворена цела машинерија, која ги отворила вратите дури и во сабота. Дополнително го праша дали имал и нотар на располагање или давал оригинал документ. Таа праша дали едно обично Н.Н. лице би го имало истиот третман?

За збор се јави судијата Јосифовски и се противеше на ваквите алудирања од страна на судијката Старова дека тој бил во поповолна позиција од останатите граѓани. Тој кажа дека во тоа време бил државен секретар во Собранието на РМ и веќе имал докажано дека има македонско државјанство, но сепак кога конкурирал за претседател на ДИК морал повторно да донесе доказ со кој се докажува дека е државјанин на Република Македонија.

За збор се јави судијата Стојановски и истакна дека не треба да се меша личната карта со државјанството. Само државјанството се стекнува според пропишани услови со закон. Едното се стекнува другото се добива.

За збор се јави судијката Старова и кажа дека работите дури сега се испомешале. Колегата Стојановски велел дека државјанството се стекнува со раѓање, меѓутоа дали малолетник може да гласа на избори или да биде член на партија. Таа констатираше дека ноторно се мешале работите и дека само со државјанство не може да се гласа.

За збор се јави судијата Мурати и кажа дека останува и стои на аргументите во рефератот. Тој предложи рефератот да го надополни државниот соработник кој работел на документот.

Во тој момент збор зема претседателката Елена Гошева која истакна дека нема потреба од излагање од страна на државниот советник кој работел на рефератот, од причина што дискусијата е целосно исцрпена.

На ова реагираше судијата Мурати кој истакна дека во минатото било дозволувано вклучување на државните советници.

Веднаш потоа реагираше и судијката Старова која истакна дека ова е преседан кој досега не се случил.

Претседателката Гошева повторно истакна дека нема потреба од вклучување.

Збор зема државниот советник Југослав Миленковиќ кој ја запраша претседателката Гошева зошто не му дава збор?

На тоа претседателката Гошева кажа дека се преминува на третата точка од дневниот ред.

Точка I.3

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Маркудова накратко го изложи својот реферат и истакна дека останува на наводите содржани во него.

Судијката Старова ја напушти судската сала.

Бидејќи никој не побара збор, претседателкатаЕлена Гошева ја затвори расправата по третата точка.

Точка I.4

Судија известител: Гзиме Старова

Неприсуството на судијката Старова во судската сала беше потенцирано од страна на претседателката Гошева. По двоминутно чекање, во судската сала влезе судијката Старова. Видно вознемирена, таа истакна дека останува на наводите содржани во рефератот.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата.

Седницата на Уставниот суд заврши во 10.40 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Претседателката Елена Гошева не ја водеше седницата коректно, бидејќи за прв пат не му даде збор на државен советник иако тоа беше побарано од судијата известител по точката I.2. Ова претставува преседан во работата на Уставниот суд откако Хелсиншкиот комитет ја следи неговата работа, а и според укажувањата на судиите Мурати и Старова. Претставниците на Хелсиншкиот комитет имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Спротивно на ова, Хелсиншкиот комитет смета дека изготвениот реферат од страна на судијата Сали Мурати за точката I.2.од донесениот дневен ред за 8-та седница на Уставниот суд е пример за тоа како треба да се изготвуваат и презентираат рефератите. Имено рефератот беше детално образложен и аргументиран и содржеше компаративна анализа за уставно-судската пракса во други држави.

Што се однесува до изјавата на судијата Јован Јосифовски, во врска со неговото барање за издавање на државјанство во неработен ден за оваа намена – сабота и присуството на заменик министер за оваа работа да биде завршена, укажува на сомнежи во неговиот интегритетот како судија. Имено, судиите треба да бидат пример за еднаквост во општеството и политички независни и неутрални. Обезбедувањето на уверение за државјанство во сабота, кога тоа не е возможно за други граѓани и присуството на политичка фигура како заменик министер отвора сериозни прашања за непристрасноста и независноста на судијата Јосифовски при неговото одлучување во Уставниот суд. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal_normal_banner-stop-mk Normal_strategy_mk_photo