Corner Судство

9-та Седница на Уставниот суд на РМ 30 Март 2016

На 30.03.2016 година, со почеток од 09:15 часот, се одржа 9-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше вополн состав од 9 судии. Присутни беа претставници на Мисијата на ОБСЕ.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.  -Член 3 став 1 во делот: „прописите донесени врз основа на овој закон”; и ставот2 во делот „а се однесуваат на работниот однос на вработениот, се применуваат општите прописи за работните односи“

- член 4 во делот: “други прописи донесени врз основа на закон”

- член 25 во делот:„општите прописи за работните односи“

- член 26 во делот: „општите прописи за работните односи“

- член 35 став 1 во делот: “или друг пропис” и став 2 во делот: “и друг пропис” и

- член 41 во делот: “и / или колективен договор“

сите од Законот за вработените во јавниот сектор (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 и 199/2014).

Реферат У.бр.141/2014

2.  Член 17 алинеја 2, член 65 став 1 во делот: “освен секретарот и кабинетските службеници” и член 70 став 2 во делот: “освен секретарот”, од Законот за административните службеници (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016). 

Реферат У.бр.158/2014

3.  Член 46 став 2 алинеја 3 и член 82-б точки 3 и 9 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2005, 103/2015 и 226/2015).

Реферат У.бр.122/2015

4.  - Член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) и

- член 70 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 16/2010 и 124/2015)

Реферат У.бр.20/2016

5.  Колективниот договор на Македонски Телеком АД Скопје донесен под број 02-76267/1 од 26.03.2014 година во делот Прилогот 1/A со архивски број 266388/2 на Македонски Телеком АД-Скопје.

Реферат У.бр.51/2015

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување, со нацрт – одлука по предметот

У.бр.90/2015

Точка I.1

Судија известител: Вангелина Маркудова

Судијката Вангелина Маркудова накратко го изложи својот реферат. Таа истакна дека има уставно-судска пракса за ова прашање и дека останува на наводите во рефератот.

За збор се јави судијката Старова и истакна дека ќе ја почитува праксата на судот, меѓутоа кажа дека оспорениот член 41 не бил разгледуван и не било наведено дека судот одлучувал. Во конкретниот случај станува збор за престанок на работен однос. Таа истакна дека нема да спори дека законодавецот немал право кога донесувал ваква одредба. Во Уставот на РМ се вели дека ова се уредува со закон. Таа запраша што е основното начело на колективно договорање? Тоа што се пропишува со колективниот договор не може да биде под законски определениот минимум. На пример со колективниот договор, одморот не може да биде пократок од законски пропишаното. Дополнително, судијката Старова кажа дека во англосаксонските земји нема закон што ги регулира овие односи, туку постоело само колективно договорање. Таа истaкна и дека нашла уставно-судска пракса, но затоа што не била наведена во самиот реферат таа нема да ја споменува затоа што тоа никаде немало да биде нотирано.

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Сали Муратинакраткого изложи својот реферат и истакна дека според подносителот на иницијативата оспорените членови биле во спротивност на чл. 8 ст.1, чл. 9, 13, 57 од Уставот на РМ. Тој кажа дека постои уставно-судска пракса и има мислење од Владата на РМ. Тој кажа дека не треба да се поведе постапка, а согласно чл. 28 ст.2 од Деловникот на Уставниот суд.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева јa  затвори расправата за втората точка.

Точка I.3

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Судијата Дарлишта накратко го изложи својот реферат и истакна дека остaнува на наводите во истиот.  

За збор се јави судијата Сали Мурати и кажа дека во целост го подржува рефератот.

Бидејќи никој не побара збор, претседателкатаЕлена Гошева ја затвори расправата.

Точка I.4

Судија известител: Јован Јосифовски

Судијата Јосифовски истaкна дека останува на наводите во рефератот. Тој кажа дека подносителот на иницијативата е правното лице „Техно инппекс-Душко“ и дека го оспорува чл. 51 од Деловникот на Уставен суд. Подносителот сакал да го оспори целиот Деловник, но го допрецизирал. Судијата Јосифовски истакна дека има уставно-судска пракса и истата била наведена во рефератот. Постојат процесни пречки да се одлучува за оваа иницијатива, затоа што неможе судот да биде и учесник и оценувач во постапката. Поради овие причини тој предлага иницијативата да се отфрли во целост.

За збор се јави судијата Сали Мурати и истакна дека иницијативата е контрадикторна и противречна. Тој запраша дали правните лица можат да бидат иницијатори? Според пракса на Европскиот суд за човекови права може. Дополнително даде компаративна анализа, за како ова било решено во Република Словенија. Тој истакна дека се согласува со рефератот и дека ова само отвара прозорец за размислување во иднина.

За збор се јави судијата Јосифовски и истакна дека судијата Мурати бил во право кога го покренал ова прашање. Има уставни амандмани со кои е уредена уставната жалба и дека подносители на истата може да бидат и правни лица, меѓутоа тие не се усвоени. Тој дополни дека кога и ако бидат усвоени ќе може да се дискутира. Судијата Јосифовскиповторно истакна дека неможе Уставниот суд да оценува уставност на свој акт и потенцираше дека иницијативата треба да се отфрли.  

Бидејќи никој друг не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата по четвртата точка.

Точка I.5

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски истакна дека останува во целост на наводите во рефератот.

За збор се јави судијката Гзиме Старова и истакна дека кога барала одложување на оваа точка, интенцијата ѝ била да се доработи рефератот и да има друг пристап. Вакво повластување на дел од вработените во една фирма е опасно и ствара незадоволство кај останатите.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата.

Точка II.1

Судија известител: Наташа Габер-Дамјановска

Судијката Габер накратко го изложи рефератот и истакна дека не е променета ниту правната, ниту фактичката состојба за овој предмет и дополни дека останува на наводите во рефератот.

Бидејќи никој не побара збор, претседателката Елена Гошева ја затвори расправата.

Седницата на Уставниот суд заврши во 10.20 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата. Претставниците на Хелсиншкиот комитет имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Без наведување на подносителот на уставната иницијатива или барањето за заштита на слободи и права на граѓаните и резиме на наводите, јавноста не би била во можност да разбере за што точно станува збор при дискусиите и одлучувањето на судиите. На денешната седница, единствено судијата Јосифовски го наведе подносителот на иницијативата и накратко го образложи изготвениот реферат.

Што се однесува до дилемата за тоа дали Уставниот суд може да оценува сопствен правен акт (Деловникот), Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото прашање уште еднаш укажува на потребата од донесување закон кој би ја регулирал работата на Уставниот суд. И покрај тоа што Деловникот на Уставниот суд е донесен во 1992 година од состав различен на денешниот, противправно би било сегашниот состав да укинува или поништува негови одредби. Сепак, неможноста за постапувањето по ваквата иницијатива не значи дека Уставниот суд по сопствено убедување не би можел да менува одредби во сопствениот деловник доколку смета дека тие не се во согласност со Уставот.

Што се однесува до дилемата дали Уставниот суд може да постапува по иницијативи поднесени од страна на правни лица, член 110, став 1, алинеја 3 од Уставот на РМ утврдува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на „човекот и граѓанинот“. Во членот 51 од Деловникот на Уставниот суд е наведено дека „секој граѓанин“ што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд. На крај, во предметот У.бр.61/2012 на Уставниот суд во кој подносител на барање било правно лице, Уставниот суд наведува дека барања за заштита на слободите и правата поднесени од правни лица се недопуштени. Сепак, во конкретниот случај не се работи за барање за заштита на човекови права и слободи, туку за иницијатива преку која се оспорува уставноста на подзаконски акт. Според тоа, пречката која за правните лица постои кај барањата за заштита на човекови права и слободи, не постои во смисла на поднесување на иницијативи. Ваквата правна состојба е утврдена во член 12 од Деловникот на Уставниот суд во кој е наведено дека „секој“ може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo