Corner Судство

6-та Седница на Уставниот суд на РМ 09 Март 2016

На 09.03.2016 година, со почеток од 9:05 часот, се одржа 6-та седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав. Во судската сала присутни беа и претставници на Мисијата на ОБСЕ и новинарка на порталот НОВА.

Уставниот суд расправаше по следниов:

Дневен ред

I.РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Член 2 став 1 точка 12-а во делот „Регистрационен агент е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност („Регистрационен агент“ е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност, адвокат и адвокатско друштво кои имаат овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација;“.)

и член 35 став 2 (Пријавата за упис на трговец поединец и трговско друштво во единствениот трговски регистар се поднесува исклучиво во електронска форма) од Законот за едношалтерски систем и водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015 и 192/2015)

Реферат У.бр.67/2015

2. Член 33 став 2 (Обврската за исплата на договорената превознина преминува како обврска на примачот на стоката во случај испраќачот и/или организаторот на превоз на стоката да не ја исплати договорната превознина во рокот одчленот 104 ставови 5 и 6 од овој закон.) и Член 33 став(„Обврската за исплата на договорената превознина од налогодавачот преминува како солидарна обврска на другите учесници во процесот на превоз на стока, во случај на неисполнување на договорните обврски согласно со членот 104 ставови 5 и 6 од овој закон. “) од Законот за договорите за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“бр.23/2013 и 156/2015)

Реферат У.бр.6/2016

II.ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ

1.Предлог за одлучување, со нацрт-одлука по предметот

У.бр.201/2012

Точка I.1

Судија известител: Никола Ивановски

Судијата Ивановски накратко го изложи својот реферат и истакна дека со оспореното законско решение им се овозможува на регистрациони агенти да застапуваат лица врз основа на полномошно пред Централниот регистар на Република Македонија. Според судијата со тоа се крши уставната определба за самостојност на адвокатурата (Член 35 од Уставот). Судијата Ивановски истакна дека на овој начин адвокатите бил поставени во подредена положба, а им се наметнувала должноста да извршуваат работи без надоместок. Според судијата, ова решение е неуставно и треба да се укине.

За збор се јави судијата Мурати кој истакна дека се согласува со рефератот, меѓутоа само за вториот член, но не и за првиот. Судијата истакна дека Законот за едношалтерски систем веќе бил оспорен пред Уставниот суд, постоеле одлуки од 2013 и 2014 година со поинаков став што овозможило неуставни одредби. Според судијата Мурати, правото на заработувачка е гарантирано преку Економската социјална повелба. 

Бидјеќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори расправата по првата точка.

Точка I.2

Судија известител: Сали Мурати

Судијата Мурати истакна дека за оваа материја не постои судска пракса. Според него ова отворало неколку спорни прашања: дали има уставни основи, договорните услуги не можат да бидат со солидарна одговорност, се исклучува ли автономијата на договарачите итн. Според судијата Мурати, законското решение е во насока на заштита на превозниците од штета која може да им биде нанесена од било кој учесник во постапката. Доколку се укинела ваквата одредба, превозниците не би можеле да ги наплатат своите побарување поради несовесно однесување на другите субјекти во превозот.

Бидјеќи никој друг не побара збор, претседателката Гошева ја затвори седницата.

Седницата на Уставниот суд заврши во 9:25 часот.

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите присутни судии кои учествуваа во расправата.Претставниците на Хелсиншкиот комитет повторно имаат забелешка што се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo