Corner Судство

10-та Седница на Уставниот суд на РМ 01 Април 2015

На 01.04.2015 година, со почеток од 09:10 часот, се одржа десетата седница на Уставниот суд, на која присуствуваа претставници на Хелсиншкиот комитет во рамки на проектот „Надгледување на работата на Уставниот суд и процена на неговиот капацитет да постапува по уставни жалби“ - Неда Чаловска и Воислав Стојановски. За време на седницата, Уставниот суд расправаше во полн состав од 9 судии по следниов

Дневен ред

I. РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА И ЗАКОНИТОСТА НА:

1.Член 117 став 1 точка 5 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013 и 41/2014)

Реферат У.бр.99/2014

2.Член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014 и 33/2015). 

Реферат У.бр.114/2014

3.Член 67 став 2 точките 13 и 14 и член 74 став 2 точка 7 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011, 136/2011, 75/2013, 79/2013, 164/2013, 41/2014, 55/2014, 92/2104, 151/2014 и 33/2015)

Реферат У.бр.118/2014

4.Член 51 во делот „со утврдување на добивката за деловната 2014 година“ од Законот за данок на добивка („Службен весник на Република Македонија“ бр.112/2014).

Реферат У.бр.168/2014

5.Член 4 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2011).

Реферат У.бр.7/2015

6.Одлука за усвојување на Предлог на ДУП за Урбан Блок 79 (површина 17.31 ха) за плански период 2006-2011, помеѓу улиците булевар „Б.С.Бато“, „Б.Миладинови“, ул. „1“ и „Вонвардарска 2“ во општина Тетово, бр. 07-1280/13, донесена од Советот на општина Тетово на 27 мај 2010 година.

Реферат У.бр.166/2014

II. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРЕДМЕТИТЕ:

1. Предлог за одлучување по предметот Реферат У.бр.99/2014

Точка I.1 (Закон за енергетика)

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Излагајќи го накусо својот реферат, судијата Дарлишта истакна дека ова прашање не е противуставно и не треба да се поведе постапка. По излагањето на рефератот за збор не се јави никој од судиите. 

Точка I.2 (Закон за работните односи)

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Излагајќи го накусо својот реферат, судијата Дарлишта наведе дека подносителите на иницијативата сметаат дека со оспорената одредба се врши дискриминација по основ на пол, односно се врши дискриминација кон жените, поради што дале предлог за поништување на одредбите. Судијата смета дека ваквото законско решение е дискриминација и треба да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот. Наведе дека во иницијативата биле дадени 3 примери од одлуки на Уставниот суд кои покажуваат дека претходно било одлучувано за ова прашање. Одговор бил добиен и од Владата на РМ која навела дека ваквите одредби не се дискриминаторски и со нив се штити жената, особено поради нејзината двојна улога - како мајка и сопруга. 

Предлогот за поведување на постапка за оценување на уставноста на нападнатиот закон беше поддржан од страна на судијката Гзиме Старова особено поради две причини - едната е конзистентноста на одлуките на Уставниот суд а втората е поради нејзиниот став дека со вакви одредби жената се става во понеповолна положба од мажот. Судијката потсети на пример од пред 50 години за поднесена иницијатива до Уставниот суд на Социјалистичка Федеративна Република Југославија за изедначување на старосната граница за мажите и жените при престанок на работниот однос. Судијката истакна дека со оспорените одредби не се почитува правото на еднаквост, поради тоа што Законот за работни односи не прави разлика меѓу работник жена и маж. Оттука, за неа е нејасно зошто со овие одредби се појавува разлика. Наведе и дека постои разлика меѓу престанок на работен однос и пензионирање, кое треба да биде уредено со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Судијката потенцираше дека законодавството на РМ треба да оди само во насока на полова и родова еднаквост, дури и да го нема во ниедна друга земја, истакнувајќи дека треба да бидеме пионери во родовата еднаквост и дека и други земји може да се повикуваат на нашето право. Впрочем, еднаквото право на пензија е стекнато право и особено е заштитено со европското законодавство, кое треба да го следиме, како земја кандидат на Европската унија. Судијката, коментирајќи го одговорот од Владата на РМ во однос на оспорените законски одредби со кои според Владата одат во насока на посебна заштита на жената, истакна дека посебната заштита на жената во работен однос е резултат на меѓународни стандарди, а нееднаквото пензионирање не е посебна заштита и не е според ваквите стандарди.

Потоа за збор се јави судијата Сали Мурати кој истакна дека треба да се штити половата еднаквост, но за него е нејасен членот и од аспект на волјата на работодавачите и дали со вакви одредби ќе се намали невработеноста. Смета дека нема потреба од членот, поради тоа што согласно Уставот, Република Македонија е социјална држава. Според судијата нема потреба да се работи до таа возраст, зошто треба да има тенденција на порано пензионирање.

Претседателката на Уставниот суд Елена Гошева посочи дека има дилема каде е неуставноста на членовите и зошто се продолжува рокот за пензионирање за 3 години. Смета дека неуставноста треба да се бара во друг закон, односно Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

На овој коментар реплицираше судијката Гзиме Старова која посочи дека нееднаквоста кон жената произлегува од тоа дека со оспорените одредби работникот жена ќе работи 3 години помалку од работникот маж, поради што понатаму се јавуваат разлики во пензиите. 

Судијата Јован Јосифовски смета дека постои основ за покренување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби зошто според него се противуставни. Истакна дека треба да се следи праксата на Уставниот суд кој претходно одлучувал по ова прашање. 

Судијката Наташа Габер се изјасни дека го поддржува рефератот истакнувајќи дека секое работно место треба да му биде достапно на секој под еднакви услови. Во доставениот реферат Владата не дала мислење во оваа насока, туку дала единствено статистички податоци. 

Судијата Никола Ивановски побара одложување на расправата за оспорените членови поради тоа што има дилеми околу рефератот, без да каже на што се однесуваат. 

На ваквото барање за коментар се јави судијата Јован Јосифовски, кој истакна дека нема дилеми дека работата е јасна и нема потреба за одлагање. 

Судијата Гзиме Старова ги потсети судиите дека иако нема рок во Деловникот за одлучување по поднесените иницијативи, сепак судот треба да има предвид дека за некои работи предлого се чека, а особено треба да се внимава за оние прашања кога јавноста чека Уставниот суд да одлучи. 

Следеше гласање за предлогот за одложување и судиите одлучија да не го одложат гласањето за поведување на постапка за оценување на уставноста по овој реферат. 

Точка I.3 (Закон за енергетика)

Судија известител: Исмаил Дарлишта

3.Законот за енергетика 

Судија известител: Исмаил Дарлишта

Излагајќи го накусо својот реферат, судијата Дарлишта истакна дека ова прашање не е противуставно и не треба да се поведе постапка. По излагањето на рефератот за збор не се јави никој од судиите.

Точка I.4 (Закон за данок на добивка)

Судија известител: Владимир Стојаноски

Четвртата точка се однесуваше на Законот за данок на добивка и во однос на рефератот за истата од страна на судијката Гзиме Старова беше истакнато дека има пропусти во рефератот и бараше одложување за дополнување на рефератот. Судијата Јован Јосифовски изјави дека не се согласува со одложувањето. Друг никој не побара збор и се гласаше за одложување на рефератот. 

Точка I.5 (Закон за приватизација)

Судија известител: Гзиме Старова

Судијката даде предлог иницијативата да се отфрли поради процесни грешки, без притоа истите да ги образложи. Никој од останатите судии не се јави за збор.  

Точка I.6 (Одлука за усвојување на Предлог на ДУП)

Судија известител: Сали Мурати 

Судијата Сали Мурати информираше дека се испратени 8 ургенции за да добијат одговор од општина Тетово, но до датумот на одржување на седницата не добиле одговор. Поради ова, се појавува основано сомнение дека постојат неправилности за донесување на овој ДУП. 

На ваквата информација за збор се јави судијата Владимир Стојаноски кој предложи донесување на времена мерка за стопирање на спроведувањето на ДУП, поради тоа што е незамисливо да не биде доставен одговор до Уставен суд од страна на општината. 

Ваквиот предлог го поддржа и судијата Јован Јосифовски кој смета дека е време да се поведе постапка поради тоа што е некоректно општината да не достави одговор. Посочи и друг случај каде општината не доставувала одговор и објектите биле изградени. Оттука и ја црпи потребата за изрекување на времена мерка. 

Судијата Сали Мурати се согласи со предлогот за изрекување времена мерка и посочи дека ова е предвидено во член 14 од Деловникот на Уставниот суд. 

Судијката д-р Гзиме Старова истакна дека изрекувањето на времена мерка во овој случај личи на присила поради тоа што нема одговор од општината, па затоа не го поддржува предлогот. На ваквиот став се спротивстави судијата Јован Јосифовски кој истакна дека предлогот бил во насока да се спречи понатамошно градење, а не присила. 

Судијата Исмаил Дарлишта не се согласи со предложената времена мерка од причина што можеби е нешто веќе изградено. 

Бидејќи се расправаше по сите точки од дневниот ред, десеттата седница на Уставниот суд заврши во 11:00 часот. 

Видување на Хелсиншкиот комитет за седницата

Хелсиншкиот комитет смета дека седницата генерално беше водена во согласност со Деловникот на Уставниот суд. Претседателката Елена Гошева ја водеше седницата коректно, давајќи им збор на сите девет судии кои учествуваа во расправата. Првата забелешка се однесува на начинот на кој судиите го презентираат својот реферат. Имено, иако рефератот во писмена форма е доставен до сите судии, неопходно е судиите известители да го образложат подетално, особено кога во судската сала се наоѓаат претставници на јавноста. Без наведување на подносителот на уставната иницијатива или барањето за заштита на слободи и права на граѓаните и резиме на наводите, јавноста не би била во можност да разбере за што точно станува збор при дискусиите и одлучувањето на судиите. 

Во врска со Точка I.2 (Закон за работни односи), Хелсиншкиот комитет и Мрежата за заштита од дискриминација преку соопштение до јавноста  реагираа на ваквите законски измени за  дискриминаторски одредби во Законот за работни односи потенцирајќи дека се дискриминаторски поради тоа што работниците со писмена изјава до работодавачите може да побараат да им се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена). Собранието на РМ, по налог на извршната власт, без јавна дебата и консултации со засегнатите страни и без да ја има предвид праксата на Уставниот суд усвои законско решение што содржи одредба која претставува директна дискриминација. Поради ова Хелсиншкиот комитет ја поздравува одлуката на мнозинството судии кои гласаа Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на овие законски одредби. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo