Corner Соопштенија

Апел за исплата на регрес за годишен одмор (К-15) 24 Декември 2018

Во изминатите две години Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше голем број случаи во кои работодавачите на своите вработени не им исплатија или пак им исплатија многу низок износ на регрес за годишен одмор (К-15). Најчесто стануваше збор за исплата на регрес за годишен одмор во висина од 500 и 1000 денари, а голем број на работнички кои користеле породилно отсуство беа лишени од правото на регрес за годишен одмор и истиот не им беше исплатен, спротивно на одредбите од Општиот колективен договор за прватниот сектор од областа на стопанството. Потсетуваме, согласно општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството работниците имаат право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Кај работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско финансиската состојба на работодавачот, по задолжителна претходна консултација на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективниот договор.

Заради горенаведеното, а имајќи предвид дека регресот за годишен одмор за тековната година мора да биде исплатен до крајот на календарската година, укажуваме на следново:

1.Исплатата на регресот за годишен одмор е задолжително и не постои можност работодавачот да не исплати регрес за годишен одмор поради потешкотии во работењето.

2.Право на регрес за годишен одмор има секој работник кој работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Особено потенцираме дека во Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството не е наведено како услов работникот континуирано да работел 6 месеци кај ист работодавач за стекнување со правото на регрес за годишен одмор. Ова значи дека и работниците кои имале прекин во работниот однос кај работодавачот, а работеле најмалку 6 месеци во текот на календарската година кај истиот имаат право на регрес за годишен одмор.

3.Работничките кои користеле породилно отсуство во текот на календарската година имаат право на регрес за годишен одмор. Хелсиншкиот комитет за човекови права поради погрешна и невоедначена примена на одредбите кои се однесуваат на регрес за годишен одмор во однос на работничките кои користеле породилно отсуство иницираше постапка пред Комисијата за толкување на колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството, за толкување на спорните одредби со цел воедначена примена на истите. Комисијата за толкување на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството одлучи дека жените кои користат отсуство поради бременост и раѓање, а се во работен однос 6 месеци кај ист работодавач во календарската година имаат право на исплата на регрес за годишен одмор.

Поради трендот на исплата на регрес за годишен одмор во многу мал и незначителен износ, апелираме дека ќе ја следиме ситуацијата со исплата на регрес за годишен одмор особено кај оние работодавачи кои сега ќе се обидат да исплатат регрес за годишен одмор во мал и незначителен износ поради тешкотии во работењето, ценејки ја економско финансиската состојба на работодавачот ќе бараме од сите надлежни институции да извршат надзор со цел за да се увтрди дали работодавачот навистина се соочува со финансиски во работењето, односно дали е возможно работодавачот континуирано да има зголемен обем на работа, а истовремено да се соочува со финансиски потешкотии, па како резултат на тоа да исплаќа регрес за годишен одмор во износ помал од утврдената основица.

Воедно, апелираме до работодавачите во процесот на исплата на регрес за годишен одмор доследно и целосно да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор во приватниот сектор од областа на стопанството и толкувањата на Комисијата за толкување на колективниот договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Ги повикуваме сите синдикални организации да застанат на страна на заштита на работниците и будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарски фабрики каде има формирано синдикати.

Го повикуваме Државниот инспекторат за труд да врши засилен мониторинг во процесот на исплата на регрес за годишен одмор од страна на работодавачите и навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор за евентуални повреди и прекршувања на работничките права поврзани со исплата на регрес за годишен одмор.

На крај, ги повикуваме и охрабруваме сите работнички и работници, а особено оние од текстилната, кожарска и чевларска индустрија и понатаму да продолжат со пријавувањето на прекршувањата на работничките права.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo