Corner Соопштенија

​Законот за антидискриминација се соочува со опструкции во Собранието 20 Декември 2018

Мрежата за заштита од дискриминација остро реагира на континуираното одложување на усвојувањето на поднесениот предлог Закон за спречување и заштита од дискриминација. Предлог законот беше доставен до Собранието на Република Македонија уште во мај оваа година од страна на Министерството за труд и социјална политика, а од тогаш се изминати шест месеци. Спротивно на сите меѓународни препораки и ветувања од страна на Владата и парламентарното мнозинство дека законот ќе биде донесен до крајот на 2018 година, надлежната Комисија за труд и социјална политика при Собранието на Република Македонија до сега воопшто не го разгледала.

На последната седница на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на РМ, пратеничката Маја Морачанин од партијата ДОМ достави предлог овој закон да биде ставен како прва точка на дневен ред и да се отвори дебата по ова законско решение. Против предлогот за ставање на законот како прва точка на дневен ред на седницата на Комисијата негативно се изјасниле пратениците од политичката партија ВМРО, еден пратеник од партијата ДУИ и пратеник од партијата ПЦЕР. На седницата на Комисијата меѓудругото, членовите развиле расправа за спротивноста на предметниот закон со религијата, што само по себе претставува скандал, имајќи предвид дека Република Македонија е секуларна држава. Сепак крајниот исход од расправата е вклучување на законот на дневен ред, но како четврта точка што повторно значи пролонгирање на постапката за донесување на законот. На оваа одлука на Комисијата и претходеше повеќекратно избегнување законот да биде ставен на дневен ред од страна на претседателот на Комисијата.

Мрежата за заштита од дискриминација потсетува дека Закон за спречување и заштита од дискриминација цели кон обезбедување на принципот на еднаквост и спречување и заштита од дискриминација во остварување на човековите права и слободи и ќе обезбеди унапредување на постоечката анти-дискриминаторска легислатива. Со предложениот закон се врши измена во основите за дискриминација со нивно проширување, се предвидува професионализација на Комисијата за заштита од дискриминација и како новина се предвидува и тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес - actio popularis. На истиот му претходеше долготраен процес на изготвување во кој беа вклучени претставници на сите релевантни институции и граѓански организации и како резултат на тоа изготвено беше законско решение кое е усогласено со правото на Европската Унија и кое ги почитува меѓународните стандарди од оваа област.

Мрежата исто така потсетува дека препораките за усвојување на овој закон и усогласување на останатата законска регулатива се дел од извештајот на Европската Комисија и истиот позитивно беше оценет и од Венцијанската комисија на Советот на Европа. Дополнително, една од забелешките на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација против жените (CEDAW Комитетот) во последните заклучни согледувања и препораки за државата, се однесува на бавниот процес на донесување на Законот.

Со континуираното одложување на разгледувањето и усвојувањето на законот, се одложува унапредувањето на заштитата која им се дава на граѓаните во случаите на дискриминација. Со сведување на расправата за тоа дали законот ќе се стави на дневен ред на разгледување од страна на Комисијата и употребување на аргументот дека законот е спротивен со религиските убедувања се покажува несериозност од страна на пратениците и недостаток од волја да се донесе закон кој најопфатно ќе обезбеди превенција и заштита од дискриминација. Континуираното опструирање на процесот на разгледување јавува сомнеж за мотивот за ваквите опструкции, имајќи го предвид последното мислење на актуелната Комисија за заштита од дискриминација со кое се утврди дискриминација кон Никола Груевски, со што Комисијата повторно покажа селективно и непрофесионално работење.

Лице за контакт: Јована Јовановска Кануркова 02 3119 073 илиjovana.jovanovska@mhc.org.mk

Проектот „ЗСЗД под лупа: Следење на спроведувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество - Македонија. Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo