Corner Соопштенија

Промовиран првиот периодичен извештај за работата на АВМУ и АЕК во рамки на проектот PROformance Watch II 29 Ноември 2018

Евротинк – Центар за европски стратегии, НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права, денеска го презентираа првиот периодичен мониторинг извештај за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), во рамки на проектот „Мониторинг на ефикасноста, ефективноста, транспарентноста и одговорноста на регулаторните тела за медиумите – PROformance Watch II“.

На првиот периодичен мониторинг извештај за работата на АЕК и АВМУ (јуни – септември 2018), беа објавени податоците за транспарентноста и отчетноста на двете регулаторни тела: Агенцијата за електронски комуникации и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

На презентацијата за АВМУ беше посочено дека Стратегијата за развој на аудио и аудиовизуелната дејност 2018-2022, иако, беше најавена како приоритетна активност, се’ уште не е изготвена. Собраниската комисија за транспорт не го усвои заклучокот со кој се предлага да се усвои годишниот извештај за работата на АВМУ за 2017 година. На интернет-страницата на АВМУ се објавени трошоците на директорот, кој потрошил помалку во споредба со претходниот извештај. Мониторингот препорача да продолжи практиката за објавување на известувањата за склучени договори за јавни набавки.

„Она што можеше да се забележи е дека на интернет-страницата на АВМУ, во периодот опфатен со овој извештај, недостигаа известувањата за склучените договори за јавни набавки во тековната година. По нашето укажување, Агенцијата ја прифати препораката да продолжи со добрата практика на објавување на склучените договори од претходните години и во меѓувреме, ги објави сите известувања за 2018 година“, посочи Марјан Степановски од Евротинк.

Законските измени со кои е опфатена АВМУ, а кои беа доставени до Собранието во втората половина на февруари годинава, сè уште не се донесени. Одолговлекувањето на донесувањето на законските измени ги „замрзна“ реформските процеси во медиумската сфера, а Агенцијата ја стави во „лимбо“ позиција на исчекување на претстојните промени.

Мрежата за медиумска писменост е добар пример за тоа како АВМУ може и треба да игра проактивна улога за теми од поширок јавен интерес, но и за тоа како може да биде отворена за соработка и да ги вклучува сите релевантни и засегнати страни.

Што се однесува до АЕК, во поглед на транспарентноста, регулаторот сеуште не ги објави биографиите на директорот и членовите, а бројот на вработени лица не е ист со бројот на вработени објавен на интернет-страницата на ова регулаторно тело. Се уште не е воведен бројот 112 за итни случаи и покрај препораките на Европската Комисија. Шеста година по ред Европската комисија ја нотира загриженоста за проблематичното трошење средства од буџетот на АЕК за политички цели.

Во овој квартал АЕК објави и извештај за испитување на јавното мислење за резиденцијални корисници. Анкетата беше спроведена на територијата на Република Македонија, на репрезентативен примерок од 1.100 испитаници.

Според извештајот иако 60% од испитаниците се свесни за постоењето на АЕК, речиси 70% од граѓаните немаат информации за начинот на постапка за поднесување барање за решавање спор до АЕК.

АЕК во овој квартал донесе измени на Финансискиот план за 2018 година согласно кои се распределени дополнителни средства од над 125 милиони денари, кои се останати како вишок од претходни години, со што вкупните планирани расходи за 2018 година изнесуваат 601.830.193 денари.

„Околу 70% од дополнителните средства односно над 87 милиони денари се прераспределени за изградбата на антенскиот систем за контрола и мониторинг. Со тоа вкупната предвидена сума за изградбата на антенскиот систем на Водно за 2018 година изнесува околу 240 милиони денари“, истакна Горан Лазаров од Евротинк.

Покрај претставниците на организациите на проектниот тим, на настанот говореа и Емилија Јаневска, раководителка на Секторот за програмски работи во АВМУ, Ана Малцева, советничка за правни работи во кабинетот на Министерот во МИОА и Игор Бојаџиев, советник на директорот за радиокомуникации и контрола и мониторинг на радиофреквенции во АЕК кои се осврнаа на најновите измени на Директивата на ЕУ за аудиовизуелните медиумски сервиси, националниот оперативен план за широкопојасен интернет како и улогата и предизвиците на агенциите во рамки на заложбите за заеднички дигитален пазар и дигиталната агенда на ЕУ.

Проектот PROformance Watch II се спроведува со финансиска поддршка на Амбасадата на Велика Британија во Македонија.

Целиот извештај можете да го погледнете на следниов линк

(извор: eurothink.mk)

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo