Corner Соопштенија

Да превенираме и заштитиме преку институционални и културни промени - 16 дена активизам против насилство врз жените 25 Ноември 2018

Насилството врз жените претставува горлив глобален проблем, кој не ја одминува и нашата држава. Во услови кога светските движења како #metoo, #hearmetoo, или #сегакажувам и #tanitegoj во Македонија успеаја да направат одредени придвижувања за да зголеми свесноста за насилството врз жените и да се работи на негова елиминација, сепак борбата не е добиена и останува уште многу да се направи и локално, и во светски рамки.

И покрај зголемената свест за проблемот, бројките на жртви се во пораст, а не изостануваат ниту фемицидите. Нашата држава не води системска статистика за родово базирано насилство, вклучувајќи ги и фемицидите, но многубројните истражувања покажуваат дека тоа е во пораст. Бројот на убиени жени од 2008 до 2012 е 70, а убиствaта се направени од сопруг, вонбрачен или интимен партнер, близок роднина. [1]

Изминатава година сепак сведочиме и на добри вести - ратификацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за елиминација на сите форми на насилство врз жените, таканаречената Истанбулска Конвенција[2] како особено важен чекор во борбата протов родово- базираното насилство. Во овој правец, гледаме раздвижување од една нулта позиција која со години постоеше во институциите. Во октомври оваа година, Владата на РМ го усвои Акцискиот план за имплементација на Истанбулската Конвенција 2018-2023. Но, по усвојувањето треба да се демонстрира вистинска заложба на сите вклучени министерства кои треба да подготват оперативни планови и да направат финансиски алокации во своите буџети.

Истанбулската Конвенција пропишува низа стандарди кои земјата потписничка треба да ги имплементира. Се забележуваат недостатоци во следниве области, а чие решавање е од најитна природа:

  • -Број на засолништа за жртви на семејно насилство: Истанбулската Конвенција пропишува стандард од 1 засолниште на 10.000 жени. Во моментов во државата постојат 4 (четири) центри раководени од Министерството за труд и социјална политика и еден од Организацијата на жени на Град Скопје. Значи во моментов потребни се дополнителни 8 функционални засолништа. Засолништата според стандардите треба да исполнуваат услови за ранливи категории жени: жени со попреченост, или пак мајки со деца, бремени жени итн.
  • -Сервиси за жртви на сексуално насилство: Воспоставување на центри за жртви на сексуално насилство е еден од стандардите кои ги пропишува Конвенцијата, па така на 200.000 жени потребен е по еден центар, што значи пет центри на територијата на РМ. Во моментов (од септември 2018) државата отвори три центри: Скопје, Тетово и Куманово.
  • -Усогласување на националното законодавство. Во моментов, се’ уште не постои усогласеност на постоечкото законодавство со Конвенцијата, па така се уште е во примена Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство [3] . Исто така, мора да направат измени и дополнувања во Кривичниот Законик, со инкриминирање на семејното насилство како посебно кривично дело за кое ќе се гони по службена должност, со цел да се обезбеди поефикасна кривично-правна заштита на жртвите на семејното насилство и казнување на сторителите.

Хелисншкиот комитет за човекови права на Република Макеоднија низ својата пракса постојано забележува недостатоци и неправилности при постапувањето на институциите кои треба да ја заштитуваат жртвата. Па така, полицијата која треба да постапи по дојава за семејно или родово базирано насилство честопати случаите ги забележува како прекршок на јавниот ред и мир. Судот, пак, прави двојна виктимизација на жртвата, со барања жртвата и по неколку пати да дава изјава и да се соочи со насилникот. Иако во последната година Министерството за труд и социјална политика вложува напори да се подобри функционирањето на центрите за социјална работа, жртвите често изјавуваат дека не им е пружена соодветната поддршка.

Голем проблем е и изрекувањето на привремените мерки на заштита, кои иако со закон се дефинирани како итни мерки за заштита на физичкиот интегритет на жртвата, судот честопати не ги изрекува во предвидениот рок од 24 часа до 7 дена. [4]

Работатата и борбата на ова поле останува и ќе трае се додека не се искоренат сите форми на насилство врз жената. Притоа, треба да се нагласи дека покрај неопходните институционални зафати, потребни се и длабоки промени во светогледот на граѓаните, особено на перцепцијата за улогата на жената во општеството, како и елиминација на доминантната култура на насилство која ја сведочиме во секојдневниот живот.


[1]Анализа на случаи на фемициди – убиства на жени во Република Макеоднија, Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство, окт 2018

[2] https://www.coe.int/en/web/istanbul-convention/-/-the-former-yougoslav-republic-of-macedonia-ratifies-the-istanbul-convention

[3]Службен Весник на РМ 138/2014

[4]Во неколку случаи кои се водат во Хелсиншкиот комитет, мерките на заштита не се изрекуваат и по неколку месеци. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo