Corner Соопштенија

​Маршот на толеранција со пораки против насилничко општество 18 Ноември 2018

Повикот за акција против сите форми на насилство и против насилничко општество беше централна порака на учесниците на денешниот Марш на толеранција. Политичко-општествените случувања во изминативе децении создадоа контекст во кој премногу често се прибегнува кон употреба на разни форми на насилство и каде омразата континуирано ја разорува кревката општествена кохезија во нашата земја. Од тие причини, учесниците на Маршот упатија порака до сите институции во Република Македонија серозно да се посветат на унапредување на механизмите на санкционирање на насилството од омраза кое е сè поприсутно во нашето општество.

Џабир Дерала од Цивил, потсети на првиот Марш на толеранцијата кој се одржа пред десет години, кога паралелно беше организиран контрапротест, со отворен говор на омраза. Токму затоа Дерала го оцени изминатиот период како тежок за сите, особено за тие што се охрабрија да побараат правда, демократија и еднаквост.

За различностите и опасноста од неказнивост на делата од омраза се осврна Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини: ,,Се’ уште да се биде различен во Македонија е проклетство и со тоа ќе се сложи секој што на себе го осетил гневот или казната од мнозинството во кое не си успеал да се претопиш или препознаеш’’. Таа посочи дека шест години по нападот на ЛГБТИ центарот, истрагата е се уште во тек, насилниците се на слобода, а жртвите останати без правда и се’ уште во страв.

Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум зборуваше за насилството кај младите, од кои голем дел се несвесни дека го прават или го трпат. Таа нагласи дека е важно младите да бидат поттикнати да го разбираат говорот на омраза, да знаат да го препознаваат булингот и каде да се обратат кога се жртви, но и критички да размислуваат. ,,Се’ уште градиме ѕидови наместо мостови, шириме омраза кон различните, оние кои треба да се различни по природа, по убедување, по вера или раса. Да се биде различен не е зараза, ниту болест, тоа е различност која не исклучува, туку ја вклучува слободата на љубов, разбирањето, едеднаква шанса за сите’’- рече во својот емотивен говор Мери Цветковска од ХЕРА. Ашмет Елезовски од Националниот ромски центар нагласи дека ,,толерантни сме ако ја вратиме довербата и ако ја вратиме љубовта, бидејќи нема толерантност без овие два сегменти’’.

Хелсиншкиот комитет и партнерските организации веќе десетта година со марш го одбележуваат Денот на толеранцијата. Овогодинешниот настан се одржа под мотото ,,Викно силно против насилно’’ и беше поддржан од организациите Цивил - Центар за слобода, Национален Ромски Центар, ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Реактор - Истражување во акција, КВИР СКВЕР Скопје, Коалиција Маргини, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство и МОФ- Младински образовен форум.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo