Corner Kumtesa

Повик за подготовка на анализа за утврдување на минималните стандарди за работа 14 Shtator 2018

Повик број 05-969

Општи информации

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамките на проектот „Зголемување на продуктивноста преку подобрување на законската рамка за работните односи во Македонија“ објавува повик за изработка на анализа за утврдување на минималните стандарди за работа во областа на работничките права. Анализата ќе биде заснована на законската рамка, меѓународното и компаративното право, истражувачките прикази и документите за јавни политики.

Цел на проектот е да се зголеми продуктивноста на работниците во Македонија преку подобрување на законската рамка за работни односи. Проектот ќе обезбеди две анализи коишто од една страна ќе понудат сеопфатен преглед на сегашната состојба, вклучувајќи мерење на степенот на сатисфакција на граѓаните од заштитните механизми против дискриминацијата и повредите на работнички права, а од друга страна ќе дадат препораки за унапредување на законската рамка во согласност со меѓународните стандарди. Дополнително, проектниот тим ќе врши мониторинг на инспекцискиот надзор и постојано ќе ја информира јавноста за состојбата со работничките права со што ќе придонесе кон кревањето на јавната свест за пристапот до услуги за заштита на работничките права. Исто така, проектот ќе обезбеди правна помош за жртвите на прекршување на работничките права во најмалку 40 случаи со цел да се подобри пристапот до правда на работниците.

Области кои треба да бидат опфатени со анализата на јавните политики

Анализата треба да претставува холистички, сеопфатен и систематичен осврт на регулативата и праксата, што ќе обезбеди податоци и докази од кои ќе произлезат конкретни препораки за унапредување на законската рамка во Македонија во согласност со меѓународните стандарди во следните области:

Област: Истражување и анализа на минималните стандарди за работа и условите за работа предвидени согласно позитивното законодавство на Република Македонија и нивната примена

- Анализа на националната правна регулатива

- Мапирање и анализа на меѓународните обврски кои ги презела Република Македонија во врска со минималните стандарди за работа

- Мерење на степенот на спроведување на сегашните минимални стандарди за работа од страна на работодавците.

Област: Утврдување на минималните стандарди за работа и условите за работа во согласност со регулативата на Меѓународната организација на трудот и директивите на Европската Унија

- Анализа на националната и избрана меѓународна правна регулатива и нивната комплементарност

- Анализа на регулативата на Меѓународната организација на трудот

- Анализа на меѓународните стандарди и директивите на Европската Унија.

Област: Препораки за унапредување на минималните стандарди за работа и условите за работа во македонското законодавство согласно регулативата на Меѓународната организација на трудот и директивите на Европската Унија

- Препораки за унапредување на македонското законодавство

- Препораки за гарантирање на квалитетот на спроведување

- Споредба помеѓу утврденото позитивно законодавство и препораките за унапредување на минималните стандарди за работа и условите за работа.

Анализата треба да даде податоци од кои ќе произлезат конкретни препораки за подобрување на минималните стандарди за работа во рамки на законската рамка за работните односи во Македонија и во однос на квалитетот на спроведување.

Некои од алатките кои се користат за собирање на податоци се: интервјуа, телефоноски јавувања, фокус групи, анкети, како и соработка со граѓански организации и институции кои работат во полето на работничките права.

Јавни дебати/конференции

Истражувачите ќе имаат обврска наодите од истражувањето и документите за јавните политики поддржани со докази да ги презентираат на јавни дебати/конференции организирани од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Насоки за формирање на тимовите

Право да учествуваат на овој повик имаат тимови на организации и/или индивидуалци кои мора да бидат составени од најмалку 4 членови – 1 главен експерт и 3 истражувачи.

Кандидатите за позицијата главен експерт треба да ги исполнуваат следните критериуми:

- Завршено високо образование

- Работно искуство во областа на работничките права, минималните стандарди за работа и условите за работа и квалитетот на спроведување на истите

- Познавање на меѓународните стандарди за работнички права, а особено регулативата на Меѓународната организација на трудот и директивите на Европската Унија поврзани со работничките права и обврски

- Работно искуство од најмалку 5 години во подготовка на методологии за истражувања/анализи

- Работно искуство од најмалку 5 години во спроведување на истражувања/анализи.

Работни задачи:

- Изработка на методологија за истражувањето/анализата

- Изработка на прашалници за алатките кои ќе се користат за собирање на податоци

- Спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци

- Одржување на состаноци со државни институции

- Обработка на податоци

- Истражување на домашната и меѓународната правна регулатива

- Подготовка на истражувањето/анализата

- Презентација на истражувањето/анализата на јавни дебати

- Комуникација со истражувачите и државните институции

- Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Кандидатите за позицијата истражувач треба да ги исполнуваат следниве критериуми:

- Завршено високо образование

- Учество во изработка на анализи

- Искуство во спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци

- Искуство во изготвување на студии на случаи за минималните стандарди за работа

Како предност ќе се смета работно искуство во областа на работнички права, недискриминација, маргинализирани групи, социјална инклузија и кохезија и директен контакт во пружањето правна помош во случаи поврзани со повреда на работнички права.

Работни задачи:

- Подготовка на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер

- Спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци за да се измери квалитетот на спроведување на минималните стандарди за работа

- Комуникација и собирање информации од граѓанските организации кои директно работат и се вклучени во тематиката

- Организирање и спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци

- Анализа на податоците од алатките кои ќе се користат за собирање на податоци

- Комуникација со главниот експерт кој ќе го подготвува истражувањето/анализата

- Подготовка на студии на случаи

- Комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

* Поттикнуваме формирање на тимови од различни организации. При предложување на тимовите се очекува јасно дефинирање на нивните улоги при подготовка на истражувањето и документите за јавна политика, како и нивно презентирање во јавноста.

Етички напомени

Истражувачите се обврзуваат коректно да ги наведуваат изворите на податоците во истражувањето. Во случаи на плагијаризам, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе ги раскине склучените договори и ќе бара поврат на средствата уплатени за истражувањето.

Спроведување на активностите

За спроведување на активностите од овој повик се предвидени надоместоци во вкупен износ од 8.000,00 британски фунти во денарска противвредност по среден курс на фунтата за месецот во кој се врши плаќањето. Исплаќањето ќе се врши во квартални периоди, од кои последниот е по завршувањето на финалната анализа. Сите останати активности поврзани со спроведувањето на анализата (како на пример патни трошоци, спроведување на алатките кои ќе се користат за собирање на податоци и слично) се вклучени во вкупниот износ.

Финалната анализа треба да биде изготвена до 31.12.2018 година.

Предлог временска рамка на активностите во проектот:

30 септември 2018 година - Избор на кандидатите и потпишување на договорите

октомври - ноември 2018 година - Спроведување на алатките кои се користат за собирање на податоци

декември 2018 - Изработка на анализата и доставување на финалниот производ до МХК

почеток на 2019та година - Потенцијално учество на конференции/јавни дебати поврзани со проблематиката

Хелсиншкиот комитет со истражувачите/организациите ќе потпише договор во кој ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски. Исплатата на надоместоците ќе се врши директно на ангажираните лица.

Начин на пријавување и избор

За пријавување за учество тимовите треба да достават:

- професионална биографија со вклучени референци за претходни истражувања на сите членови на тимот со јасно дефинирани улоги согласно точка 4 од овој повик

- предлог на разработена методологија за спроведување на истражувањето и подготовка на документите за јавни политики

- предлог на акционен план

- предлог за изменета временска рамка за спроведување на истражувањето која нема да го надминува крајниот рок за поднесување на конечниот извештај

Документите за пријавување ве молиме задолжително да ги доставите во pdf. формат на е-маил адресата helkom@mhc.org.mk најдоцна до 23 септември 2018 година. За дополнителни прашања Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената меил адреса и е-маил адресата Vildan.Drpljanin@mhc.org.mk, како и телефонските броеви +389 2/3119-073 и +389 71 594 553. Изборот на авторите ќе се врши врз основа на искуството, понудената методологија и акциониот план од страна на кандидатите.


                                            

  

Twitter Facebook
Normal_banner-free-sq Normal___________alb Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-sq Normal_screenshot_2017-10-24_13.29.57