Corner Press release

Уставниот суд го укина нормираниот учинок од Законот за минимална плата 09 May 2018

Со одлука У.бр. 133/2017 донесена на седницата одржана на 18 април 2018 година, Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука со која се укинува чл. 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017).

Во образложението на одлуката на Уставниот суд стои дека е нејасно и непрецизно регулирано во однос на тоа каква е формата и видот на соработката што работодавачот при утврдувањето на нормираниот учинок ќе ја остварел со работниците и дали таа соработка, која е спомената во овој член од Законот, во отсуство на прецизно нормирање, воопшто има влијание во однос на законското овластување на работодавачот да го утврдува нормираниот учинок во работата на работниците, што имплицира на декларативно, а не на суштинско учество на работниците по ова битно прашање, што во случајов Законот неделиво го поврзал со реализацијата на минимална основна плата што треба да им се исплати на работниците. Од друга страна, согласно образложението на одлуката, спорно е и во однос на тоа дека со условот за исполнет нормиран учинок утврден од работодавачот се доведува во прашање остварувањето на минималната плата на работникот, што е предмет на уредување на Законот за минимална плата во Република Македонија, и дека со овој услов за остварување на минимална плата, работникот ќе остварува плата, а не минимална плата утврдена со посебен закон. Оттука, категоријата исполнет нормиран учинок, на начин на кој е пропишан со Законот, дека го утврдува работодавачот, но не е дефинирано дали е тоа со колективен договор на ниво на работодавач или со друг пропис, потоа, согласно Законот, работодавачот само соработувал со работниците при што нормираниот учинок би требало да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко-технолошка целина кај работодавачот, а работодавачот бил должен на крајот на месецот да му издаде на работникот потврда за остварениот нормиран учинок, заедно со писмената пресметка на платата, упатува на заклучок дека Законот веќе не се занимава со минимална нето плата. Имено тој уредува плата лимитирана со нормиран учинок во производниот процес или друга дејност, која нема надзор кога се утврдува од страна на работодавачот прагот на нормираниот учинок и е сепак фактичко прашање во производните, услужните и други работни организации на пазарот на трудот, а со тоа и дискреционо право на одлучување на работодавачот. Прашањето за утврдување на нормиран учинок е битно прашање во процесот на работење и секако значајно за производните и други дејности во работењето, но во отсуство на законско дефинирање на висината на минималната, основна плата на работникот, тогаш плата формирана на основа на исполнување на нормиран учинок утврден од работодавачот, според Судот нема статус на законски утврдена минимална основна плата на работникот што е определено како предмет на уредување на овој посебен закон.

Хелсинишкиот комитет во септември 2017 изрази загриженост за измените на Законот за минимална плата во Република Македонија, кој беше донесен на 12тата седница на Собранието на Република Македонија по скратена постапка во однос на оставањето на одредбите за исполнување на нормиран учинок како услов за исплата на минимална плата. Така уредениот Закон се уште не нудеше гаранција дека работниците од сите сектори ќе ја остваруваат законски пропишаната минимална плата и оставаше простор за манипулации, притисоци и злоупотреби од страна на работодавачите.

Ја поздравуваме одлуката на Уставниот суд за укинување на одредбите со кои се предвидуваше и уредуваше нормираниот учинок во Законот за минимална плата и апелираме до надлежните органи, а пред се до Државниот инспекторат за труд, да вршат засилен мониторинг на примената на Законот за минимална плата после укинувањето на одредбите за нормиран учинок. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en