Corner Press release

Поднесени обвиненија за случајот на Тамара Димовска 07 May 2018

Хелсиншкиот комитет за човекови права би сакал да ја извести јавноста дека Основното јавно обвинителство Скопје по повеќе од 3 години поднесе обвинителен предлог за кривично дело Несовесно работење во службата против сите лица кои постапувале во случајот на малолетната Тамара Димовска. Обвинение е поднесено против Маја Парнаџиева – Змејкова и Џемаили Мехази, како директори на Фондот за здравствено осигурување, Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малолетната Тамара Димовска и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение.

Според доставеното известување, Основното јавно обвинителство констатирало дека првостепената одлука на комисијата при Фондот за здравствено осигурување е донесена надвор од законскиот рок за итно постапување, како и дека основа за одлуката е изјавата на тогашниот минситер за здравство, Никола Тодоров, дека пациентите со деформитет на рбетот нема да одат во странство, поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент се уште не постоеле услови во Република Македонија за извршување на вакви операции. Одлуката е донесена без присуство на доктор ортопед и трауматолог, како доктори во чија специјалност припаѓа заболувањето на малолетната Тамара Димовска, иако претседателот/заменик претседателот задолжително требало да избере состав на доктори-членови на комисијата во чија надлежност спаѓа нејзиното заболување.

Второстепената комисија постапува на истиот начин и при донесувањето на одлуката со која се потврдува првостепеното решение во предвид ја зема изјавата на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, со која се информира јавноста дека пациентите со деформитет на рбетот нема да одат во странство, поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент се уште не постоеле услови во Република Македонија за извршување на вакви операции.

Ја поздравуваме одлуката на Основното јавно обвинителство за поднесување на обвиненија против сите лица кои постапувале во случајот на Тамара Димовска. Сепак, би сакале да истакнеме дека во конкретниот случај истрагата е неефикасна со оглед дека обвинителството ваквата одлука ја донесе по повеќе од 3 години.

Земајќи го предвид очигледното пречекорување на законските овластувања на тогашниот министер Никола Тодоров преку давањето неточна информација до јавноста за отварање на центар кој ќе врши операции на пациенти со деформитет на рбетот при Клиниката за ортопедски болести во Скопје, Хелсиншкиот комитет не се согласува со одлуката на Основното јавно обвинителство дека во конкретниот случај не постои Злоупотреба на службената положба и овластување од негова страна, поради што во овој дел одлуката сметаме дека треба да биде обжалена до Вишото јавно обвинителство. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en