Corner Press release

Презентиран завршниот извештај за работата на АВМУ и АЕК 13 April 2018

Постои големо непознавање кај граѓаните за тоа што претставуваат двата регулатора во сферата на медиумите и на електронските комуникации и за тоа кои се нивните надлежности, но и значителна недоверба во нивната независност, односно граѓаните ги гледаат нивните раководни органи како поставени од партиите, одбележаа некои од презентерите на завршниот извештај за мониторингот на работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), кој се одржа на 4 април 2018 година во Скопје.

Овој финален извештај претставуваше завршница на проектот кој во изминатите 18 месеци го спроведуваа Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Евротинк, НВО Инфоцентар и Транспарентност Македонија. Во неговите рамки, тие ја следеа работата на двете агенции, како и перцепциите на јавноста за нив, при што беа направени и пет квартални извештаи.

Според Амбасадорот на Обединетото кралство во Република Македонија, Н.Е. Чарлс Гарет, иако на почетокот на проектот постоела одредена недоверба во поглед на институциите, тие потоа почнале одлична соработка со спроведувачите на набљудувањето, што е за пофалба.

Директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, и директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, рекоа дека од соработката со граѓанските организации дошле до увид за одредени проблеми, што довело до подобрување на нивната работа. Како што истакнаа презентерите, за пофалба е што АЕК, за разлика од ситуацијата кога донираше пари за Панорамското тркало на ЈСП, ја прекинала таквата практика.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, зборувајќи за измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е веќе во собраниска процедура, истакна дека треба тој да донесе професионализација на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ, за конечно политиката да ги тргне рацете од медиумите.

Тој нагласи дека Владата се зафатила со главните аспекти на медиумските реформи и порача дека е потребен дополнителен ангажман на сите, за медиумската сфера да биде контролирана од саморегулацијата, а не од државата и политичките структури.

„Процесот на избор на кандидати за кое било од регулаторните тела ќе биде јавен и транспарентен. Граѓаните ќе знаат пред да се изврши изборот кои се кандидатите, а не отпосле“, изјави Манчевски. Тој говореше дека во процедурата на избор ќе бидат вклучени сите со надзорна расправа во Сорбанието. Според него, овие регулатори досега мизерно потфрлија и тие за разлика од досегашната практика на избор на поранешни партиски функционери, и лица во блиска роднинска врска, во иднина ќе мора да бидат составени од независни експерти, кои ќе бидат избирани јавно и транспарентно, под надзор на јавноста, а ова е предвидено и со предложените законски измени.

Во текот на вториот панел од завршниот настан на проектот, проф.д-р. Снежана Трпевска, инаку експерт за медиуми, истакна дека се доцни со медиумските реформи и ќе биде неопходен огромен ангажман за да се средуваат состојбите во медиумите во иднина.

Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот истакна дека еден од најголемите предизвици е овие две институции да бидат независни од сите партиско-политички центри на моќ. Горан Лазаров од Евротинк изјави дека треба да се работи на промоција на надлежностите на овие институции бидејќи граѓаните не се доволно запознати со работата на овие институции, а некои од оние што ги знаат надлежностите често ги мешаат.

На настанот беа презентирани и резултатите од последната анкета за ААВМУ и АЕК спроведена во март 2018 година со примерок од 1.043 испитаници, кои покажуваат дека поголемиот дел од граѓаните не чуле за работата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (77%) и на Агенцијата за електронски комуникации (62%). Тие или не се запознаени со тоа што претставуваат агенциите и нивните надлежности или пак дури и ги мешаат нивните надлежности, па сметаат дека, на пример, АЕК треба да ги регулира медиумите, а ААВМУ да ги заштитува корисниците од телекомуникациските оператори, иако, всушност, вистината е токму спротивното.

Најважните резултати од спроведената анкета се достапни на следниот линк

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en