Corner Соопштенија

8-ми март, Меѓународниот ден на жената 08 Март 2018

Факти:

- 78% од жртвите на физичко насилство се жени додека 98% од сторители на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот 2013-2016. Над 3/4 од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба.

- Најчестата причина поради која девојчињата го напуштаат училиштето се малолетничките бракови.

- 81% од вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија се жени[1] и тие се едни од најниско платените работнички со 35% пониска просечна плата од просечната плата на државно ниво[2]

Хелсиншкиот комитет на денот на Меѓународниот ден на жената сака да ја изрази својата загриженост во однос на состојбата со родовата еднаквост во државата, која се уште останува да биде декларативна заложба на властите. Жените во Република Македонија се уште се соочуваат со дискриминација по основ на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на нивните права.

Текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство, жените со попречености, спаѓаат меѓу најранливите групи во нашето општество, за кои државата се уште не презема суштински мерки кои би го подобриле нивниот социјален и општествен статус. Образованието останува недостапно за голем број на девојчиња, факт кој најчесто се должи на непристапноста на образовните објекти, како и поради испишувањето на голем број ученички како резултат на сиромаштија или стапување во малолетнички бракови.

Ратификувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот чекор кој оваа Влада го направи во борбата со насилството врз жените и домашното насилство. Сепак, во изминатиов период бевме сведоци на неколку случаи на насилство врз жени, вклучително и сексуално насилство врз малолетно девојче, штитеник на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 мај”[3] кои претставуваат само примери на целосно нефункционалниот систем за грижа и заштита на жените и девојчињата.

Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за регистрирање на сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат.


[1] http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.15.05.pdf

[2] http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.15.05.pdf

[3] http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.15.05.pdf

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo