Corner Kumtesa

Меѓународен ден на социјална правда - реформите во Македонија заостануваат 20 Shkurt 2018

Социјалната правда е основниот принцип за мирен и просперитетен соживот во и меѓу народите. Социјалната правда ја унапредуваме кога ги отстрануваме бариерите со кои се соочуваат луѓето поради пол, возраст, раса, етничка припадност, религија, култура или попреченост.

Социјалната правда е во сржта на мисијата на Обединетите нации, со цел да се промовира развојот и човечкото достоинство. Донесувањето на Декларацијата за социјална правда за праведна глобализација е само еден неодамнешен пример за посветеноста на системот на Обединетите нации кон социјалната правда. Декларацијата се фокусира на гарантирање фер резултати за сите преку вработување, социјална заштита, социјален дијалог и основни принципи и права на работа.

Во Република Македонија регистрираме голем број на повреди на економските и социјалните права на граѓаните, што се должи на се поголемата сиромаштија во земјата, високиот степен на невработеност, но и на бавните реформи во делот на социјалната и здравствената заштита. Лицата со попреченост, Ромите, текстилните работнички, жените од руралните средини се уште се едни од најранливите групи во нашето општество, за кои државата се уште не презема суштински мерки за унапредување на нивниот социјален и општествен статус. Образованието останува недостапно за многу лица од овие групи, главно поради непристапноста на образовните објекти за лицата со попреченост и девојчињата од руралните средини, како и поради испишувањето на голем број ученици од ранливите групи поради сиромаштија на семејствата и влегувањето во малолетнички бракови.

Со оглед на ваквата состојба, државата треба што поскоро да започне со реформа на системот за социјална и здравствена заштита, како и образовниот систем со цел подобрување на еднаквиот пристап на граѓаните до сите добра и услуги кои државата ги обезбедува, а со тоа подобрување и на квалитетот на живот. Особено внимание треба да се посвети на ранливите групи, за кои конечно треба да се применат ефикасни политики за подобрување на нивниот социјален и општествен статус. Ова секако ги опфаќа политиките за вработување на овие лица и механизмите за заштита при прекршување на нивните права.

Во најскоро време треба да биде донесена нова стратегија за деинституционализација и државата сериозно да започне со нејзина примена, со цел најранливите лица, сместени во институциите од системот, конечно да добијат соодветна вонинституционална грижа.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-sq Normal___________alb Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-sq Normal_screenshot_2017-10-24_13.29.57