Corner Соопштенија

Постапувањето на Хелсиншкиот комитет по претставката на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ 06 Февруари 2018

Хелсиншкиот комитет ја известува јавноста за спроведената постапка по наводите од претставката поднесена од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за приведувањето и притворањето на дел од пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за настаните од 27.04.2017 година. Согласно надлежностите, Хелсиншкиот комитет се обрати до Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Одговор беше добиен од страна на Секторот за внатрешна контрола при МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Во врска со самата постапка за определување на мерката притвор за групата партеници – подносители на претставката, Комитетот утврди дека постапката пропишана според Уставот на РМ, Деловникот на Собраниете на РМ и Законот за кривична постапка во врска со определување на мерката притвор и одземањето на имунитетот на пратениците е испочитувана од страна на надлежните институции.

Имено, по завршувањето на предистражната постапка, од собраните докази во врска со критичниот настан/инцидент во Собранието од 27.04.2017 година донесена е наредба за спроведување на истражна постапка. Согласно закон, постапувајќи по убедувањето дека е нужно определување на мерка притвор и други мерки за обезбедување присуство надлежниот обвинител поднел барање до судијата на претходна постапка. Судијата правилно постапил кога за истите лица најпрвин определил приведување согласно член 157 од ЗКП со цел истите да ги испита за да може да одлучи за основаноста и неопходноста на предложените мерки кои зафаќаат во личните права и слободи, како што тоа го бара Уставот на РМ, ЗКП и член 5 од Европската конвеција за човековите права и слободи. Врз основа на овие наредби неколку лица се приведени, додека други самостојно се јавиле пред судот кога дознале дека против нив е определена мерка приведување.

Откако судијата ги сослушал двете страни (обвинителството и осомничените и нивните адвокати), се впуштил во оцена на основаноста и нужноста на определување на бараните мерки за обезбедување на присуство на осомничените. Со оглед на околноста на постоење на процесна пречка во форма на имунитет на пратениците, судот правилно постапил согласно Уставот на РМ и Деловникот на Собранието на РМ, кога во тој момент писмено се обратил до надлежните тела во Собранието. Ваквото толкување и примена на уставните и законските одредби според Комитетот е сосема исправно бидејќи нема логика прописите да се толкуваат на начин како што тоа се сугерира во поднесокот од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, дека наводно прашањето за имунитетот требало да се постави уште во порана фаза, пред пратениците воопшто да се приведат.

Такво толкување би значело непотребно вознемирување на работата на Собранието, доколку би се барало тоа да одлучи за прашањето на притворот уште во фаза кога тоа е само хипотетичко и не е поддржано од страна на судот.

По однос на самото постапување при спроведување на мерките на приведувањето ,Комитетот не можеше со сигурност да утврди дали на пратениците неосновано им се ставени лисици само со цел тие да се омаловажат и понижат. Доколку тоа се утврди, истото ќе претставува повреда на домашните полициски процедури, како и повреда на членот 3 од Европската конвенција за човековите права. Фактот, пак, дека на приведувањето сведочеле членови на нивните семејства бездруго е несакана последица, но истата е своевидна колатерална штета на овие мерки кои треба да се користат во исклучителни случаи, па во таа смисла не наоѓаме дека во конкретниот случај осомничените се дискриминирани во однос на другите граѓани.

Едновремено апелираме дека со протек на време судот треба одново и покритички да ја процени основаноста и неопхадноста на определување на мерката притвор, со цел истата да биде во согласност со принципите и праксата на Европскиот суд за човекови права.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo