Corner Соопштенија

Настан: Корупцијата како непосредна закана за човековите права 07 Декември 2017

По повод 9 декември, меѓународниот ден против корупцијата, и 10 декември, меѓународниот ден на човековите права, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија има чест да Ве покани да земете учество на настанот „Корупцијата како непосредна закана за човековите права“. Целта на овој настан е двојна- да се одбележат овие значајни датуми преку споделување на мислењата за тековните случувања во однос на борбата против корупцијата и неказнивоста во Република Македонија, како и да биде потпишана декларација против корупција со којашто нејзините потписници ќе се заложат да се борат, да ги спречат и да ги казнат сите облици на корупција.

Како најстара организација за човековите права во Македонија, основана во 1994 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права е посветен на исполнувањето на неговиот мандат за заштита и промоција на човековите права и слободи на национално ниво и обезбедување правда и обесштетување за сите оние поединци кои претрпеле какво било прекршување на нивните човекови права. Од тие причини, Хелсиншкиот комитет го организира овој настан за да ја покрене јавната свест за штетното влијание на корупцијата врз човековите права.

Настанот ќе се одржи на 11 декември 2017 (понеделник) во свечениот амфитеатар на Правниот факултет „Јустинијан први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со почеток во 13 часот. На настанот се поканети да присуствуваат сите значајни чинители во борбата против корупцијата, вклучувајќи ги претставниците на меѓународната заедница во Република Македонија, претставници на релевантните државни институции, како и на граѓанските организации. Истовремено, на него ќе присуствуваат припадници на академската заедница, како и студенти од Правниот факултет.

Овој настан ќе претставува извонредна можност за да бидат изложени напорите направени од страна на државата, меѓународната заедница и граѓанските организации во борбата против корупцијата и воспоставувањето на целосно владеење на правото во Република Македонија, преку претставување на нивните гледишта и клучните предизвици со кои се соочува Република Македонија во оваа област.

Истовремено, би сакале да Ви укажеме да на овој настан ќе се обратат г-динот Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, Неговата Екселенција, г-дин Џес Бејли, Амбасадор на Соединетите американски држави во Република Македонија, г-ѓа Луиза Винтон, Резидентен Координатор на Обединетите нации и Резидентен претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје, како и Проф. Др. Гордан Калајџиев, Професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo