Corner Соопштенија

Осуда и кривична пријава за Стевчо Јакимовски за ширење говор на омраза 16 Октомври 2017

 Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центарот за поддршка и Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници најостро го осудуваат говорот на омраза на кандидатот за градоначалник Стевчо Јакимовски, со кој омаловажува и поттикнува на омраза кон маргинализирана група со што врши кривично дело.

Имено, на 13.10.2017 година, на митинг во предизборна кампања, кандидатот за градоначалник и досегашен градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во својот говор користи навредливи и деградирачки зборови со цел да го „нападне“ против-кандидатот, наведувајќи дека за него се зборувало дека е хомосексуалец. Притоа, посочува на хомосексуалноста, нарекувајќи ја „најопасната мафија“, „мафија која сака да се инсталира во општина Карпош“. Ваквиот говор на кандидатот за градоначалник претставува кривично дело „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ согласно член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.

На спорниот говор на кандидатот за градоначалник претходеше екстензивна пропаганда против луѓето со различна сексуална ориентација забележана во печатени материјали низ општината со навредлива и вознемирувачка содржина кон ЛГБТИ заедницата

Хелсиншкиот комитет и Коалицијата СЗПМЗ напоменуваат дека од исклучителна важност во конкретниот случај се неколку елементи. Прво, застрашувачки е фактот што лицето кое континуирано шири говор на омраза е градоначалник на општина Карпош во изминатите 8 години, односно е носител на јавна функција и избран претставник на граѓаните, кој особено влијание врз градењето на јавното мислење и јавните политики на општината. Второ, говорот на градоначалникот (и кандидатот за градоначалник) е одржан на јавен собир –митинг во рамките на предизборна кампања за претстоечките локални избори, каде што има пристап и влијание до поширока публика односно голем дел од гласачкото тело. Трето, и можеби најважно, е дека јасно се гледа намерата на говорникот да омаловажи и деградира една цела маргинализирана група, врз основ на сексуална ориентација, нарекувајќи на „најопасна мафија“ и алудирајќи на неа како штетна за општеството односно општината.

Во однос на забележаниот случај на говор на омраза, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалицијата СЗПМЗ ќе поднесат кривична пријава до основното јавно обвинителство за лицето Стевчо Јакимовски, за сторено кривично дело според член 319 од Кривичниот законик, за кое е пропишана казна затвор од една до пет години. Го повикуваме јавното обвинителство да спроведе брза и ефикасна постапка за утврдување одговорност на сторителот, а судот да изрече соодветна мерка со што превентивно ќе се дејствува врз понатамошното ширење говор на омраза.

Потсетуваме на неопходноста за следење на судската пракса на меѓународните судови, односно праксата на Европскиот суд за човекови права. Аналогно на конкретниот случај, посочуваме на случајот Ферет против Белгија, во кој претседател на политичка партија е осуден за користење говор на омраза во предизборна кампања, кон маргинализирана група (во случајот, ксенофобичен говор кон мигрантите), со кој предизвикува и поттикнува омраза и омаловажување. Европскиот суд за човекови права ја потврдува изречената казна кон политичарот, која се состои во општо-корисна работа со маргинализираната група кон која е насочен говорот на омраза, како и десетгодишна забрана за кандидирање за јавна функција. Затоа, обвинителството и судот треба да ги имаат предвид сериозноста на искажаните зборови од страна на јавна личност која има влијание врз другите и контекстот, односно употребата на говор на омраза во време на предизборна кампања кога искажаните зборови на политичарите имаат засилено влијание.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo