Corner Соопштенија

Со гангрена на двете нозе сместен во Психијатриска болница Бардовци 21 Септември 2017

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост за здравствената состојба на бездомното лице Муарем Демиров, на кој му е утврдена гангрена на двете нозе и кој веќе три и половина месеци несоодветно е сместен во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје во Бардовци.

Претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска, 21.09.2017 година, извршија посета на лицето Муарем Демиров и го затекнаа во многу лоша здравствена состојба.

Имено, и покрај ветувањето на Министерот за здравство дадено на 05.06.2017 година дека на пациентот Муарем Демиров ќе биде соодветно хоспитализиран во ЈЗУ Клиниката за торакално васкуларна хирургија и ќе биде во итна програма за соодветна интервенција, а по завршувањето на интервенцијата постоперативно ќе биде сместен во ЈЗУ Геронтолошки завод “13 Ноември” каде што ќе биде овозможено целосно закрепнување. По оваа изјава дека пациентот е во “сигурни раце “ на 08.06.2017 годинаистиот несоодветно бил хоспитализиран во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје, без да биде извршена операција и без да постојат услови за соодветна здравствена грижа.

Со оглед дека не постои основ за задржување на лицето Муарем Демиров во психијатриската болница, ниту пак може да му биде обезбедена соодветна здравствена грижа, вработените во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје, барале од Центарот за социјална работа Скопје лицето да биде сместено во друга установа каде ќе може да му биде пружена соодветна грижа. Особено важно е што во истиот допис се потенцира дека лицето Муарем Демиров нема психички нарушувања и не може да биде понатаму држен во ЈЗУ Психијатриската болница Скопје.

Хелсиншкиот комитет бара итна реакција од здравствените институции и итно хоспитализирање на лицето Муарем Демиров, со цел да му биде извршена итна операција и да му биде обезбедена соодветна здравстевна нега.

Бараме одговорност од Министерот за здравство Арбен Таравари поради очигледниот пропуст во неговото работење во однос на овој случај. Со оглед на фактот дека министерот даде изјава во јавноста дека пациентот ќе ја добие целосната медицинска грижа, истиот морал да биде информиран за исходот од неговото лекување и третман.

Сметаме дека поради непостапувањето од страна на здравствените институции има основано сомнение дека е исполнето битието на кривичните дела Несовесно лекување болни (член 207) и Неукажување лекарска помош (член 208) од Кривичниот законик, поради што бараме јавното обвинителство да отвори постапка по службена должност и да спроведе истрага со цел утврдување на одговорност на страна на докторите кои несовесно постапувале во овој случај. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo