Corner Press release

Осуда за попречувањето на правото на протест 31 July 2017

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува задржувањето на четворицата граѓански активисти од страна на припадниците на полицијата за време на одржувањето на презентацијата на воена опрема на војската на САД и АРМ во саботата на 29.07.2017 година во центарот на Скопје.

Истакнуваме дека попречувањето на правото на мирен протест, како и противзаконитото задржување преку примена на средства за врзување (лисици) претставуваат дејствија со кои во конкретниот случај овластените полициски службеници сторија флагрантно кршење на Уставот, Законот за јавни собири, Законот за полицијата, Правилникот за вршење на полициските работи и релевантните меѓународни стандарди.

Хелсиншкиот комитет за човекови права покрена постапка заради утврдување на околностите во случајот, при што препорача преземање на конкретни мерки од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за утврдување на одговорност на инволвираните полициски службеници, кои според мислењето на Хелсиншкиот комитет, без основ примениле средства за присилба. Дополнително, од страна на надлежните структури во МВР беше побарано да се преземат неопходните мерки и активности и да дејствуваат на линија на воспоставените законски и универзални меѓународни стандарди на полициско постапување. Дописот беше доставен и до Министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, како и до директорот на Бирото за јавна безбедност и до Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.

Хелсиншкиот комитет изразува незадоволство од продолжувањето на режимски практики на постапување од страна на полицијата во Република Македонија, и по промената на власта, на начин кој е во целосна спротивност со вредностите и принципите кои таа треба да ги застапува. Со оваа постапка, полицијата отворено се става на штета на граѓаните и понатаму придонесува за пораст на трендот на граѓанска недоверба.

Го повикуваме Министерството за внатрешни работи сериозно да пристапи кон разрешување на случајот што би значело раскрстување со режимските практики на постапување од страна на полицијата. Притоа, укажуваме дека враќањето на довербата во полицијата може да се случи само ако се покаже бескомпромисност во борбата за заштита на слободите и правата на граѓаните и да се започне со системско санкционирање на пречекорувањата на овластувањата на полициските службеници при вршењето на нивните дејствија.

Очекуваме Министерството за внатрешни работи сериозно и неодложно да се зафати со расчистување на инцидентот од 29.07.2017 и да ја утврди одговорноста на полициските службеници инволвирани во настанот. Притоа, нужно мора да постои сериозна и вистинска воља да се смени културата на пресија која ја негуваше полицијата во изминатиот период, а која беше насочена кон секој оној што има спротивставено мислење од она на власта. Во таа смисла, реформирањето и професионализацијата на сите полициски структури, вклучително и на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди треба да претставува императив без чиешто остварување не може да се замисли каква била суштинска реформа на системот во насока на воспоставување на владеење на правото и целосно почитување на темелните слободи и права. Бескомпромисноста во борбата против сите остатоци на режимот во институциите мора да се прикаже низ соодветни постапки и соодветни санкции, за сите повреди и попречувања на човековите права во земјата.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-en Normal___________ang Normal_banner-lgbti Normal_banner-ws-en Normal_banner-program-en