Corner Соопштенија

Колумна: За жената Ромка и нејзините предизвици 05 Јуни 2017

Пишува: Салија Беќир Халим

Жената Ромка секојдневно се соочува со предизвици и препреки кои или ќе ги надмине или тивко ќе ги заобиколи. Жената Ромка е покорна кон својот сопруг  и  останатите постари членови во семејството. Ова потекнува од традицијата, образованието, економската зависност.

Како прв предизвик го гледам образованието, кое ѝ е толку многу потребно на жената, со оглед дека во минатото семејството им давало приоритет на машките деца. Не изостануваат ниту предрасудите од страна на оние кои не се Роми, кои како такви се погрешни години наназад. Само за пример, јас како жена Ромка се најдов во непријатна ситуација со моето дете, која патем е првооделенка и ме праша: Мамо, што е тоа ,,циганка”?

Светлината од темнината на овој тунел е токму во образованието, искоренувањето на сиромаштијата и заборавање на лошите традиции. Фактот што имаме ромско средно училиште, чинам намерно е направено колку да не може да има избор во другите средни училишта. Намерно ли се ,,гетоизираат” нашите деца? Можноста да се посетува средно училиште во друго населено место претставува и можност за други позитивни култури и вредности да послужат како добар пример и еманципираност.

Како втор предизвик за жената Ромка е одговорот на прашањето како да ги спречи малолетничките бракови? Секако кога веќе ги имаме овие малолетнички бракови, потребно е зајакнување на капацитетите на стручните работници (социјални работници, психолози, педагози) во здравството, образованието и социјалните институции, со цел поголема едукација, информираност и спречувањена истите.

Третиот предизвик за жената Ромка е примарната здравствена заштита. Времето за нас Ромките од Шуто Оризари (општина со најмногу ромско население), како да запре во 19 век. Запре затоа што повеќе од 8000 жени во репродуктивен период немаме пристап до матичен гинеколог. Зошто токму на нас Ромките гинеколог ни е потребен? Затоа што поголем број од населението на Шуто Оризари се корисници на социјална парична помош од околу 3000 денари. Превозот до најблиската гинеколошка ординација е околу 70 денари, но кој има приоритет во овие 3000 денари? Сметките? Прехранувањето на семејството? И така, овие 70 денари ќе претставуваат ,,луксуз”. Според државниот завод за статистика доенечката смртност кај Ромската популација е 1.5 пати повисока во споредба со другите националности во Р. Македонија. Свежи ни се сеќавањата на случаите на породувањата пред тротоарите на родилиштата, лажните ветувања дека ќе имаме три пати во текот на неделата гинеколошка заштита, а според програмата еднаш во неделата која не се исполнува, распишани огласи за специјализации за гинекологија и акушерство кои треба да ги почекаме уште 5-6 години, програми кои немаат механизми за искористување, лица без лична документација, т.н ,,фантоми”.

Од друга страна, можат да се издвојат 600,000 (шестотини илјади) евра за изградба на базен во Шуто Оризари. Да, и базен е потребен но не и по цена на нашето здравје и здравјето на нашите идни поколенија.

Ова се само неколку предизвици со кои се соочува жената Ромка, а  се нижат околу нејзиниот врат како непотребен ѓердан. Потребен е крик кој ке се претвори во јасен ГЛАС за да се откине од нејзиниот врат. Да, женскиот глас може да се избори во сите сфери.


Овоj текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo