Corner Соопштенија

Јавен настан „OЧИ ЗА ЕДНАКВОСТ“ 30 Мај 2017

 

ГЛЕДАМЕ СО СРЦЕТО И УМОТ, ОЧИТЕ СЕ САМО АЛАТКА.

СЛЕПИЛОТО Е СОСТОЈБА НА ДУХОТ.

Еден од најуспешните параолимписки пливачи во светот, Лордот Крис Холмс од Ричмонд, Британија кој е добитник на девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал доаѓа во Скопје. После бројните мотивирачки говори на ТЕД конференциите низ светот, овој голем борец за социјална инклузија на лицата со попреченост ќе ја сподели својата инспиративна приказна на јавен настан „ОЧИ ЗА ЕДНАКВОСТ“на01 јуни 2017 (четврток) во 12:00 часот  во Младински културен центар - Скопје.

Целта на настанот е покренување на свеста во општеството за способностите што ги имаат лицата со попреченост и нивно мотивирање за активно учество во општествениот и културниот живот. Настанот е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамки на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите”, поддржан од Британската амбасада во Македонија.

За своите искуства во спортот во Република Македонија ќе говорат и македонскиотпараолимпиец Бранимир ЈовановскииВангел Тркаљановкој се занимава со параглајдерство. Пораки за инклузија, антидискриминација и правда ќе споделат и Чарлс Гарет,амбасадор на Британија во Македонија и Уранија Пировска,извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија. Модератор на настанот е новинарката Ана Јовковска.

-  „Многу ми е драго што ќе го посетам Скопје во поддршка на мисијата на Обединетото Кралство.  Особено се радувам што ќе се  видам со многу луѓе од разлчни организации и средини. Ова е мојата прва  посета на Македонија и искрено се радувам што ќе искусам нов град и нова држава.“ - Лорд Крис Холмс од Ричмонд, Британија

- „Општество кое сфаќа дека не се сите луѓе исти, кое создава простор и дава поддршка на сите на кои им е потребно и кое не ги крие некои од своите членови, ќе биде посилно општество и со поголема самодоверба.“ - Чарлс Гарет, амбасадор на Британија во Македонија.“

- „Преку овој проект сакаме да им дадеме глас на невидливите во нашето општество, маргинализираните и социјално исклучените групи и заедници.“ - Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.

- „Пристапот до правда, особено во случаи на дискримианција е скоро невозможен за ранливите групи во нашето општество кои често се наоѓаат и во социјален ризик.“ - Неда Чаловска Димовска, координаторка на проектот.

Лордот Крис Холмс од Ричмонд кој на возраст од 14 години сосема неочекувано, преку ноќ, го изгубил видот е еден од најуспешните параолимписки пливачи со освоени девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал. Лордот Холмс исто така бил директор на Параолимпијадата, одговорен за организација на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година. Од 2013 година Крис Холмс станува член на Горниот дом на Парламентот на Британија (House of Lords) како Лорд Холмс од Ричмонд, фокусирајќи го своето работење на вработување, образование и вештини, медиуми, спорт и дигитални можности за лицата со попреченост. Во периодот од 2013 до 2017 година тој бил извршен директор на Комисијата за еднаквост и човекови права, водеjќи го Комитетот за попречености. Член е на неколку анкетни комисии за дигитални вештини, социјалната мобилност и финансиски исклучување. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo