Corner Соопштенија

Колумна: “Италијански рај” 19 Мај 2017

Пишува текстилна работничка од Крива Паланка.

Се охрабрив од текстот на мојата колешка. Сакав јавноста да знае и за една друга приказна. Мојата приказна и на десетици други жени кои го живеат “италијанскиот рај“ во Крива Паланка. Се прашувам има ли луѓе кои мислат дека и нам работниците, ни е даден живот поддеднакво важен и вреден? Има ли луѓе кои знаат дека и ние сме од крв и месо? Иако живееме со пот на челото, рани на рацете сепак, покрај сè сме со насмевка, со искрен поглед. Со желба да живееме во подобро некое време, во подобри некои услови. Живееме и заработуваме со мака за нашите фамилии, за децата, а за нас не е ни важно. Важно е што секојдневно се соочуваме со прашањата: “Мамо, кога ќе земеш плата? Скинати ми се патиките, срам мие! “Мамо, сакам да одам со другарчињата на екскурзија, ќе ме пуштите, нели?” А тоа боли...Која мајка не сака на детето да му овозможи нормални услови?

Ми затреперува телото од помислата што ќе јадеме денес. А дошла трета сметка и кај и да е ќе ја исклучат струјата. Утре за нас не постои.Далеку е! Треба да се преживее денешниот ден. Животот, некогаш мислам, е само за големите луѓе, газдите. Оние кои живеат од нашата мака, пот, од нашата несреќа. А оваа голгота е скоро секаде во приватните фирми, посебно во конфекциите, чевларските и кожарските фабрики.

Во Крива Паланка во последните 10 гoдини се разви производството на текстил, чевли и кожа. Сведок сум на условите, платите, изживувањето врз нас работницитеробови. Нашиот газда беше Италијанец кој одеше низ погонот (без трошка светлина однадвор) и само викаше по нас. Зошто одиме во тоалет, зошто некој се насмеал, зошто не работиме побрзо. Во наша земја, бевме приморани да молчиме и трпиме тортури од СТРАНСКИ инвеститор, да работиме во услови кои никој не би ги издржал. Јадевме на истите машини на кои работевме, гледајќи ги глувците како трчаат по погонот. Тоалети пред кои за време на паузата чекаа 50 жени, а пола од нив, беа нефункционални, вода во пола од казанчиња немаше. Вода за пиење требаше да полниме во големи шишиња како не би губеле време во текот на работниот процес. Зима работи на температура од  1 степен , а лето на 44. Не смеевме да се разболимениту ние, ниту нашите деца, бидејќи по три месеца бевме без плати и платени придонеси за здравствено осигурување. Кога колешки се онесвестуваа, во погонот ги освестуваа бидејќи работното време мора да се испочитува. За повредите на работното место се молчеше поради закани за отказ. Но затоа даваа слободни денови. Бевме и кокошки и овци и мајмуни. Само луѓе НЕ!

А нашите колешки кои беа бремени... Најдоа и за тоа лек. Ги отпуштаа без милост и срам. Велат роди дете, имај семејство. Со кои пари да ги чуваме тие деца? Кога немаме ниту слободно време да им посветиме како што заслужуваат? Саботи, недели, празници, за нас нема загарантирано слободно време. Велат трудниците и мајките на деца до три години не смеат да одат на прекувремена работа. Прашувам каде важи и кој го почитува тој закон? Македонската жена, мајка, работничка, драги мои, живее и работи под секое човечко достоинство. Верувале или не, тоа е вистината. Можеби се плашиме јавно да говориме, но затоа е крива државата и институциите. Трудовата инспекторка која треба да утврди прекршување и казна за работодавачот, добива скапи италијански чизми за послушно да молчи. На кој да се обратиме, кога сите знаат што се случува во конфекциите и фабриките, но мудро ја вртат главата настрана, несакајќи да знаат за нашите маки. Затоа, ќе ни биде сатисфакција и еден ваков текст, едно вакво сведоштво да го види јавноста, ако ништо друго. Бидејќи ние сме вистински исто како и нашите маки.

Во 21 век во сопствената татковина ние сме робови на странски инвеститори кои решаваат за нашите судбини и судбините на нашите деца колку месеца ќе не остават без плата. Зошто во 21 век ние сме само луѓе без достоинство? Изгубени во лавиринтите на ова беззаконие, партизираност, нечовечност. А што е најлошо, велат надежта последна умира. Кај нас умре од поодамна.


Овој текст е објавен во рамките на проектот „Правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување“ поддржан од Фондацијата Отворено општество - Македонија. Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.

                                                          

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo