Corner Соопштенија

Укинување на решенија за притвор од Врховниот суд во случајот „Труст“ на СЈО 16 Мај 2017

На 27 март, Јавното обвинителство на Република Македонија до Врховниот суд поднесе барање на заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“, под надлежност на СЈО. Јавното обвинителство на РМ побара Врховниот суд да ги укине решенијата на кривичниот совет на Основниот суд Скопје I од 7 март 2017 година и на Апелациониот суд Скопје од 15 март 2017 година и предметот да го врати на повторно одлучување. На 11 мај 2017 година, Врховниот суд одлучи во согласност со предлогот на Јавното обвинителство на РМ, по што предметот е вратен на повторно одлучување пред нов кривичен совет во Основниот Суд Скопје I.

Согласно член 5, став 3 од Законот за СЈО, специјалната обвинителка Катица Јанева е овластена да презема дејствија и да застапува предмети пред основните, апелационите судови и Врховниот Суд на Република Македонија. Ставот 4 од Член 5 од Законот уште поконкретно ја пропишува исклучивата надлежност на обвинителката Јанева за преземање обвинителски дејствија. Имено, Јавниот обвинител кој раководи со СЈО има целосна надлежност и овластување независно да ги извршува сите истражни и обвинителски функции на Јавното обвинителство, кои вклучуваат учество во судски постапки и започнување каква било судска постапка, вклучувајќи граѓанска и кривична, кои ги смета за потребни.Дополнително, истиот став од Законот за СЈО предвидува дека ова обвинителство има надлежност за водење на сите аспекти на било кој нивни предмет.

Правното правило изразено во латинската максима lex specialis derogat legi generali предвидува дека во услови кога во правниот систем постои правен акт што уредува специфична тема (Законот за СЈО и прислушуваните разговори) тој го заменува законот што уредува општа тема (Законот за кривичната постапка). Во конкретниот случај, Врховниот суд, со постапувањето по барањето на Јавното обвинителство на РМ и повикувајќи се на Законот за кривичната постапка за одлучување по барање за заштита на законитоста, донесе незаконско решение и отвори преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото.

Покрај ова, наоѓањето на Врховниот суд дека немало доволно докази за основаноста на сомневањето како општ услов за притворот е фактичко прашање кое што овој суд не можел да го цени во постапка за вонреден правен лек, бидејќи истиот ниту ги извел ниту може да ги цени доказите презентирани пред надлежните судови пред кои се водела контрадикторна расправа и е донесена мериторна одлука. Од друга страна, ова е прв пат кој и да било суд во РМ да одлучи дека лицето против кое е опрделил притвор треба да се пушти на слобода до донесување на одлука по жалба. Ако се знае дека советот на Врховниот суд со учество на истиот (старо/нов) претседател Јово Вангеловски пред неколку години го разреши судијата Јордан Митриновски затоа што оценил дека наместо привор е доволно да се определи куќен притвор со гаранција, не сме многу убедени дека сега Врховниот суд и Републичкото јавно обвинителство одеднаш и преку ноќ станаа ултралиберални поборници за правата на осомнилените.

Напротив, постапувањето на Врховниот суд отвора сериозен сомнеж за политички влијанија за усвојување на незаконското решение што произлеугаваат од прераспределувањата на судии во Врховниот суд и Основниот Суд Скопје I, непосредно пред усвојувањето на решенијата, односно за време на целокупната постапка што сега треба да биде повторена. Потсетуваме дека поради предлози за разрешување на судии поднесени од претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски во неговиот претходен мандат (2008-2012) и неговото гласање за прифаќање на таквите предлози, државата изгуби два предмета пред Европскиот суд за човекови права. Во предметите Митриновски против Македонија од 2015 година и Попчевска-Геровска против Македонија од 2016 година, Судот во Стразбур го прогласи целиот Судски совет за зависен и пристрасен затоа што прифатил претседателот на Врховниот суд да биде и предлагач и гласач во постапка за разрешување на судии.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo