Corner Соопштенија

Колумна: Јaс сум работник, а не поданик! 08 Мај 2017

(очајничка борба за зачувување на достоинството на текстилните работници)

Пишува: Силвана Пеншова

Многу пати се прашував каква сорта се овие текстилците, потиштени, безволни, со поглед вперен во празно, безнадежни, апатични. Така седната позади бирото во разладена просторија, без притисок од работата, опуштена, желна да влезе некој во дуќанот за да си направам муабет додека го послужувам, навистина не можев да одговорам на ова често поставувано прашање. Наутро ќе влезеа да купат по некоја баничка или геврече целите омлитавени, со подочници, свиткани во грбот, кога се враќаа од работа (често и по 18 часот) го земаа лебот и просто се влечат одејки накај дома. Аман де само тие ли одат на работа - често мислам и навистина не можам да сфатам.

Но животот е неправеден, па јас од сопственик на дуќан се најдов меѓу работниците што никогаш не можев да ги разберам. Си велев знам да шијам, ќе си ги одработам 8те часа и ќе си дојдам дома - што е тука страшно? Разговорот со идниот работодавец ми го потврди моето уверување и јас полна со елан почнав да работам.

Првиот шок го доживеав уште првата недела - колешка е опсипана со навреди и со најпогрдни зборови, потоа се редеа едно по друго многу разочарувања и многу шокови, кои рака на срце да не ги доживеав лично ќе мислев дека тој што ги раскажува има бујна фантазија. Знам дека многумина што ќе го прочитаат текстот нема да можат да веруваат, дури можеби и ќе не осудат затоа што трпиме такво нешто, но јас само ќе ги замолам да не судат за нешто што го немаат доживеано, бидејки и јас го правев истото.

Ќе се обидам најпластично да доловам како изгледа работата во текстилните фабрики и со што се се соочуваме во текот на работата.Како прво нашата работна недела трае најмалку 48 часа, а неретко и до 60.Прекувременото работење, работењето за празник и во недела е нешто што воопшто не изненадува никого. Кога сето тоа би било опционално и платено според закон би било во ред, но ние сме практично принудени затоа што се брза налог(а верувајте постојано се брза)и ако случајно се спротиставиме на оваа одлука на работодавецот следува санкција, која најчесто е многу софистицирано спакувана - намалување на плата,сменување на вообичаена операција. Можете ли да замислите колку исцрпувачки делува кога треба да се работи и неделата после шест дена напорна работа исполнета со притисок,огромни (невозможни) норми,1-2 дена прекувремено во тек на неделата,а понеделник не е прв туку осми работен ден ... колку е далеку сабота.Тие 13 дена работа без слободен ден, а неретко и по некој прекувремен саат прават од нас да се чувствуваме како тела без душа - еден од механизмите да го издржиме тој напор. Ако и дoзволиме на емоцијата да исплива готови сме, ќе пукнеме.

Даваме се од себе за да заработиме и да им овозможиме на нашите деца некаква компензација за времето што не сме дома, а и кога сме дома исто како и да не сме - практично не можеме да функционираме. Но редовно се разочаруваме кога земаме плата - скоро ништо од тоа што ние екстра го работиме не е платено според закон. Во најдобар случај е платено како редовна работа, а често ни така...

Неретко ова темпо се одразува на нашето здравје и ние сме принудени да останеме дома и да се лекуваме, но боледувањето не ни се признава според закон и тие денови за нас се денови без дневница. Има случаеви кога мораме да враќаме пари од загарантираната сума што работодавецот мора да ја прокнижи како плата. За платен одмор од 20 работни денови можеме само да сонуваме, обично одмораме од 1-10 август (тоа се 3-4 работни денови) и ако случајно се нема работа во тек на годината. Тоа се подразбира дека се смета како денови без дневница и не се плаќа според закон. Ако продолжам вака опширно да го прераскажувам нашето секојдневие верувајте дека ќе ми треба неколку денови за се да опфатам, а на вас неколку часови за се да прочитате па затоа само ќе спомнам некои моменти кои се „нормални“ само во текстилната индустрија: потпишуваме празни листови и воопшто не знаеме за што ќе бидат употребени; потпишуваме договор за работа, а немаме можност да го прочитаме, немаме ни примерок од истиот; по желба и по потреба на работодавецот се фингираат чекираните часови што ги работиме или пак воопшто и не ни дозволуваат да се чекираме; мобингот за нас и не е мобинг туку секојдневие; немаме хранарина па за да го издржиме тој напор, а поевтино да поминеме се тапкаме со тестенини и конзерви или остатоци од вчерашниот ручек, инаку ако заглавиме покасно на работа, а гладни нема да можеме да одработиме по очекуваното; неретко добиваме дел од плата во готовина пример ако имаме повеќе прекувремени часови; во зима работиме во јакни со капи и ракавици,а во лето бар по 3-4 колешки во денот колабираат бидејќи температурата е и над 38 степени; плата ни даваат неретко и 15 дена по законскиот рок; често се враќа регресот за годишен одмор; од прекувремена работа и работа за празник и во недела не се поштедени ни трудниците ни мајките на мали деца; 0.5% за минат труд секако не се плаќа според тоа колку години стаж имаме, туку може да се платат само 40-50 денари како да сме вработени една година, а некои колешки имаат и по над 20 години стаж; нехигиената, импровизираните услови за работа и несоодветните простории каде што работиме се нешто што е правило, со ретки исклучоци.

Доволно е! Сега осознав каква сорта се текстилците и јас сум една од нив.

Сега се прашувам со каква цел доаѓа во т.н. инспекциски надзор инспекторката за труд во 14:45 часот (пријавено работно време е до 14), поминува покрај најмалку пет работнички кои работат на црно, се задржува 10 минути и си оди (со малку пообемен багаж од тој со кој дошла). Да го одреди редот? Да прави од нас бели мечки? Да пријави кај претпоставените дека одработила нешто? Од сите тие инспекциски надзори не откри ниту една аномалија во работата? Каде е инспекцијата кога работничка која работи на црно остана со скршена игла во прстот? Требаше ли само да биде однесена од работодавецот до некоја ординација и таму оставена сама да се снаога? Имаше ли пари таа да си ги покрие трошоците за преглед, терапија рентгенски снимки????? Па зар таа не се повреди на работно место? Ништо од тоа затоа што таа работи на црно и не и следуваат правата од здравствено осигурување. Е тоа ги прави текстилците безволни, апатични, безнадежни – знаењето дека никој не се грижи за нив. А треба, па нели сме правна држава. Нели од нашиот труд се полни буџетот?

Стравот, несигурноста, апатијата, згазеното достоинство, уништената самодоверба, тоа не прави посебна сорта. Но надежта последна умира, информацијата дека постојат организации кои со сите правни мерки се борат за враќање на достоинството на текстилниот работник, јас ја дочекав како капка вода во пустина. Надеж - тоа е нештото што ни недостасува. Ако имаме надеж нема да сме апатични и безволни, ќе се надеваме дека ќе биде подобро. Мора да биде, заслужуваме да биде подобро. Па ние всушност сакаме само да се почитуваат законите ништо повеќе, па зар не сме сите исти пред законот? Мораме да престанеме да се плашиме и да си го побараме тоа што е наше ако не за друго бар да престанеме да бидеме жртви во очите на нашите деца, бидејки и тие заслужуваат да имаат среќни, задоволни и достоинствени мајки кои работат и ЗАРАБОТУВААТ за да им овозможат поубава иднина. Бидејки нивните мајки се РАБОТНИЦИ, А НЕ ПОДАНИЦИ!

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo