Corner Соопштенија

Колумна: Дали едно дерби може да се нарече дерби без говор на омраза? 24 Април 2017

Пишува: Адриана Селмани

Фудбалот е најпопуларниот и најгледаниот спорт во светот.

Да се биде навивач во спортот е добро за вашето здравје. Ова е потврдено во студија неодамна спроведена во Соединетите Американски Држави, според која навивањето поттикнува среќа преку тимскиот дух. 

Да навиваш за еден тим (или спорт) е прекрасно чувство. Да се биде навивач ни помага и да ги подобриме односите со општеството. 

Да се биде или да не се биде навивач? 

Да си навивач е прекрасно чувство, особено кога омилениот клуб ќе победи и го прославуваме со песни и кореографии. Но во Македонија, навивачите не секогаш слават со песни кои не содржат говор на омраза, бидејќи секогаш се наоѓа некој од групата кој ќе повика на насилство или заедничко пеење песна која содржи говор на омраза.

Каде води говорот на омраза во спортот?

Говорот на омраза на трибините некогаш им штети на навивачите, но најмногу му наштетува на фудбалскиот клуб. Како? Во случај на недолично однесување од страна на навивачите за време на натпревар, Фудбалската Федерација на Македонија го казнува клубот со тоа што им одредуваат број на натпревари без навивачи со што влијае во финансиите и приходите на клубот и фудбалерите.

Со надеж дека ќе се намали степенот на насилството и недоличното однесување при спортските натпревари на 7 декември 2014 година се донесе Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Што предвидува овој закон?

Со овој закон се уредуваат прашања што се однесуваат на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и мерките за нивно спречување, осигурувањето на безбедноста на гледачите, натпреварувачите и другите учесници во спортските натпревари и обврските на организаторите и овластувањата на надлежните органи за спроведување на тие мерки. Спортски натпревар, во смисла на овој закон, е секое поединечно натпреварување во организиран систем на спортски натпревари, согласно со одредбите на Законот за спортот.

Што претставува  недостојно однесување на спортските натпревари?

Како недостојно однесување на спортските натпревари се смета:

-Поседување или консумирање на алкохолни пијалаци или опојни дроги, поседување на пиротехнички средства, оружје и други средства погодни за нанесување повреди или за предизвикување на насилство од страна на лица кои доаѓаат на спортските натпревари, во временски период од два часа пред почетокот до два часа по завршување на спортскиот натпревар;

-внесување и употреба во спортските објекти на алкохолни пијалаци, опојни дроги, пиротехнички средства, оружје и други средства погодни за нанесување повреди или за предизвикување на насилство;

-внесување и истакнување на транспаренти, знамиња и други предмети со текст, слика, знак или други обележја, како и пеење на песни или дофрлување на пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини;

-фрлање предмети во натпреварувачкиот простор или во гледалиштето, со што може да се загрози животот, физичкиот интегритет на лицата или имотот; 

-палење и фрлање на пиротехнички средства;

-палење на навивачките реквизити, знамиња на други држави, знаме на друг клуб и други предмети;

-повикување, поттикнување и учествување во тепачка или напад на спортисти, гледачи, редари, службени лица, организатори на натпреварот и други учесници во спортските натпревари; 

-физичка пресметка меѓу учесниците на спортските натпревари;

-недозволено влегување во натпреварувачкиот простор од страна на гледачите и

-оштетување или уништување на спортскиот инвентар и други делови од спортскиот објект, како и на превозните средства при доаѓање, за време и после одржување на спортскиот натпревар, во временски период од два часа пред почетокот до два часа по завршување на спортскиот натпревар.

Многубројни мерки беа преземени од страна на Фудбалската Федерација на Македонија, но се поставува прашањето, зошто и после донесувањето на овој закон степенот на насилство е сè уште висок? Каде застојува целиот овој процес?

Се додека сами не преземеме мерки за да го намалиме степенот на насилство и да се враќаме дома без хематоми и скршеници по телото, фудбалот кај нас нема да има профит и нема да биде најгледан.

Не присуствуваше на утакмица? Епа можеби е време ова да го промениме заедно! Не се втурнувај во насилство кога ќе те поканат! Секогаш пријави инцидент во институциите или организаторите кои се должни да ја заштитуваат нашата безбедност!

А сега размислете повторно, дали го сакате доволно вашиот клуб за да не му наштетите? На крај, фудбалот е само игра која треба да претставува задоволство а не штета за клубот! 


 Овој текст е објавен во рамките на проектот „Борба против говор на омраза“ поддржан од Американската фондација за демократија (National Endowment for Democracy). Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo