Corner Соопштенија

Потребна е дистинкција помеѓу слобода на говор и говор на омраза 27 Март 2017

Пишува: Александра Филипова, Младински образовен форум

Иако говорот на омраза е дефиниран и регулиран со повеќе меѓународни и домашни правни прописи сепак потфрламе во негово препознавање, спречување и санкција, односно како граѓани неуспешно ја правиме разликата помеѓу слобода на говор и говор на омраза. Многу често во последно време сме сведоци на говор на омраза, но не препознаваме дека станува збор токму за ова. Па така, извикување на паролата „чиста Македонија“ на протести е еден од начините на кои се промовира говорот на омраза бидејќи промовира само еден етникум, додека кон останатите се однесува како да не треба да постојат. Хомофобијата (омраза спрема ЛГБТИ заедницата) е уште еден чест пример за говор на омраза во Македонија. Но, најчестите зборови кои изминатиот период ги слушаме се предавници, соросоиди, сороспии, платеници, односно директно осудување и поттикнување на омраза, намерно, кон лицата кои имаат критички став и се декларираат како граѓански активисти. Европскиот суд за човекови права во своите пресуди најчесто поаѓа од дефиницијата дека „сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза засновани на нетолеранција“.  

Земајќи предвид дека слобода на говор претставува слободно изразување, без ограничувања, без било каква цензура, под превезот на нецензурирано изразување на став, многу често стануваме промотори на дискриминаторски, стереотипни, предрасудни и ксенофобични содржини кои понатаму преминуваат или се говор на омраза. Инаку, говорот на омраза подразбира ширење, промовирање и изразување омраза за определена група по основ на јазик, етникум, специфична карактеристика, социјален статус, религија, сексуална определба. Најчесто преку него се осудува или дискредитира одредена група и се изразуваат негативни чувства кон истата, односно омраза, гнев, презир, а во одредени случаи и насилство и дела од омраза. Токму поради недоволната едукација на граѓаните за овие термини, а особено недоволната регулација и немањето конкретни и ригорозни мерки за спречување говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи, говорот на омраза во Македонија секојдневно се зголемува и се промовира како слобода на изразување. 

За таа цел, од особена важност и значајност за заштита на групите и индивидуалците кои се најчест таргет за вакви дела е најпрво да се зголеми едукацијата, свесноста и степенот на препознавање на говор на омраза од страна на граѓаните и надлежните институции. Важно е луѓето да се свесни дека нивните права завршуваат онаму каде почнува прекршување на туѓите права, во случајов нивната слобода на говор прекинува онаму каде истата предизвикува повреда на правата на останатите. Затоа, казнувањето на говорот на омраза не може да се смета како цензура, туку како заштита на нападнатите групи, особено знаејќи дека говорот на омраза предизвикува насилство и дела од омраза, како што се физичките напади на ЛГБТИ луѓето и граѓанските активисти, како што се геноцидите, погребалните венци пред врати на новинари.

Во Македонија од 2014 година на сила се стапени законски одредби кои забрануваат ширење и промовирање на говор на омраза, дискриминација, дискриминаторски содржини преку интернет. Сепак, во пракса ваквите измени не ја подобрија ситуацијата, со оглед на тоа дека секојдневно сме сведоци на остри реторики и дискриминаторски содржини, повикување на насилство и поттикнување на омраза кон одредени заедници. Со член 319 од Кривичниот законик е предвидена казна затвор од една до пет години за секој кој ќе предизвика или разгори омраза, нетрпеливост и раздор врз некоја дискриминаторска содржина. Повеќе од очигледна е тесната поврзаност на дискриминацијата со говорот на омраза и делата од омраза, но истражувања од 2013 и 2016 година спроведени од МОФ укажуваат дека иако студентите се сведоци на дискриминација и дискриминаторски содржини, извештаите на факултетите при УКИМ и извештаите на надлежните институции потврдуваат дека не се искористуваат законските механизми да се влијае на ваквата ситуација, односно омразата поради некоја дискриминаторска содржина да се спречи и да се казни. 

Едукацијата е од особена важност за спречување за повторување на говорот на омраза, особено затоа што самата казна не ја неутрализира психолошката и емотивната болка на жртвите. Дополнително, ваквото изразување претставува понижување на одредена заедница, кое не може да биде компензирано со ништо. Односно, доколку сторителот на говор на омраза не увиди зошто направеното дело е лошо, кои се неговите последици и зошто му е изречена санкција, постои голема шанса делото да биде повторено. Ова значи дека казните се еден од механизмите за заштита, но не можеме да се потпреме само на нив, туку одат рака под рака со едукација, промоција на заштитни механизми, свесност и зголемување на нивото за препознавање на говорот на омраза и важноста од пријавување и искористување на заштитните механизми, за темелно да се реши овој проблем.


Овој текст е објавен во рамките на проектот „Борба против говор на омраза“ поддржан од Американската фондација за демократија (National Endowment for Democracy). Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo