Corner Соопштенија

Утврдено прекршување на работничките права на текстилните работнички во Кочани 03 Февруари 2017

Државниот инспекторат за труд утврди прекршување на работничките права на текстилните работнички во ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани. По добиени сознанија за прекршување на работничките права во делот на исплата на додаток на плата за поминати работни часови на ден на неделен одмор и додаток на плата за поминати работни часови во денови на празници и неработни денови, Хелсиншкиот комитет до Државниот инспекторат за труд подесе барање за спроведување вонреден инспекциски надзор во повеќе конфекции. Имено, оваа година 24 октомври за сите граѓани на Република Македонија беше прогласен за неработен ден заради одбележување на празникот "Ден на македонската револуционерна борба", кој се одбележува на 23 октомври. Бидејќи оваа година 23 октомвври календарски се падна во недела, согласно закон, за неработен ден за сите граѓани,беше прогласен следниот ден, 24 октомври. Согласно Законот за работни односи, работодавците кои имаат намера да работат и за празник се должни претходно да го известат подрачниот инспектор на труд. Дополнително работодавците кои ќе работат за време на празниците се должни на работниците кои ќе работат да им ги исплатат наведените додатоци на плата. При извршениот вонреден инспекциски надзор Државниот инспекторат за труд, подрачна единица Кочани, утврдил прекршување на работничките права во ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани. Имено споменатиот работодавач навремено го известил Државниот инспекторат дека одлучил неработниот ден и воедно државен празник да биде работен ден. На тој ден 63 работнички го евидентирале своето присуство на работното место. Работодавчот извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за поминати работни часови во ден на неделен одмор, но не извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за работа во денови на празници и неработни денови, што е спротивно на Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството. 


Хелсиншкиот комитет апелира работодавачот ДПТУ ДЕЛИКАТЕС ГРУП ДООЕЛ Кочани да им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници и неработни денови, согласно чл. 24, став 2 од Општииот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството, а во спротивно бараме Инспекторот на трудот да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo