Corner Соопштенија

Меѓународен ден на човековите права 09 Декември 2016

Под слоганот „Застани во одбрана на нечии права“, утре 10 декември, во земјите членки на Обединетите нации се одбележува Меѓународниот ден на човековите права. Во своето обраќање до нациите, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун порача дека „Сите ние можеме и мораме секојдневно да дејствуваме во насока на унапредување на човековите права за луѓето околу нас“.

Високиот комесар за човекови права на ОН Заид ал Хусеин истакна дека „Кога некој е злоупотребен или исплашен треба да направиме чекор кон заштита на неговите права.Кога ќе забележиме дискриминација и експлоатација, можеме да се спротивставиме и да ставиме до знаење дека се противиме и бараме тоа да запре.“

Како последица од продолжената политичка криза, во 2016 година во Република Македонија забележано е понатамошно уназадување на промоцијата и заштитата на човековите права. Бришењето на границата меѓу државата и партијата резултираше со „заробена држава“ во која владејачките партии ги злоупотребуваат државните институции за остварување на сопствените интереси. Во борбата за останување на власт, партиите користат речник кој се состои од навреди, клевети, омраза, дискриминација и шовинизам.

Наместо да делуваат како заштитници на граѓанските права и слободи, надзорните и регулаторните тела се целосно потчинети на политичките елити. Правосудните органи продолжуваат со практикување на селективна правда. Судството врши свесна опструкција при откривањето и казнувањето на виновниците за бескрупулозниот упад во приватноста на илјадници граѓани преку нелегалното прислушување.

Најчести жртви на ретроградните политики во областа на човековите права се припадниците на маргинализираните заедници, а особено Ромите, жените, децата и младите, ЛГБТ луѓето и бегалците. Поделбите по партиска, етничка и верска основа предизвикаа понатамошна ерозија на социјалниот дијалог. Продолжува трендот на (само)цензура меѓу новинарите и медиумскиот простор. Пренесувањето на информации е пристрасно и неретко ги содржи обележјата на пропаганда.

Хелсиншкиот комитет повикува на солидарност помеѓу сите граѓани и отфрлање на манипулациите насочени кон омраза и поделби. Секоја граѓанин, без разлика на неговата етничка и верска припадност или политичко убедување, може и треба застане во одбрана на сопствените и правата на другите луѓе. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo