Corner Соопштенија

Детските права сериозно да бидат сфатени од страна на државата 20 Ноември 2016

Меѓународниот ден на децата, кој се одбележува секоја година на 20 ноември, има за цел да потсети на обврските на државите утврдени во Конвенцијата за правата на детето во насока на унапредување и зацврстување на националната правна рамка за обезбедување подобри услови и заштита на децата. 

Децата претставуваат високо ранлива општествена група која што лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство, но и на глад, болести и остуство на здрав и активен живот. Дополнителен проблем на децата е пристапот до образованието кое во многу држави се јавува како резултат на економска депривација на државите овозможувајки средина за искористување на детски работен труд. Несомнено еден од најголемите проблеми со кои се соочува светот е и трговијата со деца и органи, која е најзастапена во средини каде што децата немаат услови за добивање на лични документи.

И во Република Македонија децата се соочуваат со опасноста да станат жртви на нелегална трговија на деца и органи. Во оваа насока најранлива група се децата од ромската заедница кои се соочуваат со проблеми при водење на матична евиденција на новороденчиња и издавање на лични документи. Отсуството на лични документи и постоењето на т.н. „деца фантоми” ги става децата во висок ризик како потенцијални жртви на трговијата со луѓе и, воедно, оневозможува да имаат пристап до правото на социјална и здравствена заштита и правото на образование. Дополнително, се уште опстојува децениската сегрегација на децата Роми во образовниот процес, кои посетуваат училишта за деца со интелектуална попреченост, наместо да бидат вклучени во редовното образование.  

Еден од постоечките проблеми се и детските бракови, за кои постои институционален молк. Детските бракови директно го нарушуваат процесот на образование на малолетниците, се ограничуваат можностите за нивна општествена интеграција, се предизвикува опасност од здравствени нарушувања и се создава родова нееднаквост.

Загрижувачка е и состојбата на децата со посебни потреби, кои сè уште се на маргините на општеството. Тие се соочуваат со предрасуди и дискриминација во сите области, која доведува до нивно исклучување од општеството и изолација во средината во која живеат. Системот на образование не е инклузивен за овие деца, поради што се потребни итни промени за да се обезбеди индивидуализиран пристап во учењето. Училиштата треба да се стремат кон обезбедување инклузивно образование кое ги опфаќа потребите на сите ученици.

Децата – бегалци сместени во прифатните центри во Гевгелија и Табановце 8 месеци претојуваат во несоодветни услови за живот. За нив не е обезбедена целосна здравствена и психо - социјална заштита, а државата не го обезбедува ниту правото на образование. Преку непостапувањето по барањата за азил на нивните семејства и затварањето на децата во прифатните центри, сериозно се нарушени слободата на движење и правата на субсидијарна заштита и интеграција на овие деца во Македонија. 

Во последните години бевме сведоци и на обиди за задушување на средношколските протести од страна на власта. Учениците  се соочуваа со постојани закани и притисоци поради нивното учество на протестите, кои што го ограничуваа правото на слободно здружување, изразување и мирен протест.  Би сакале да потсетиме дека ваквите притисоци се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на Конвенцијата за правата на детето која го гарантира правото на слободно здружување, изразување и мирен протест. Сметаме дека државата мора сериозно да го земе предвид остварувањето на правата на децата и нивното учество во процесот на донесување на одлуки за областите кои директно ги засегаат. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo