Corner Соопштенија

Повик за учесници на младинските работилници „Обични херои“ 14 Ноември 2016

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија заедно со Центарот за пост-конфликтно истражување од Сараево, Босна и Херцеговина, со цел да придонесат кон подобро разбирање на процесите на транзиција и консолидација на демократијата во пост-конфликтните општества, како и со цел да се споделат теоретски и практични знаења за колективните и индивидуалните состојби во време на конфликт, го објавуваат овој Повик за учесници на младински работилници „Обични херои“.

„Обични херои“ е мултимедијален проект на Центарот за пост-конфликтно истражување, кој се базира на интервенции во интеркултурното разбирање во општества кои опфаќаат различни социо-културни заедници. Проектот ја доби првата награда за културна иновација, доделена од Организацијата на обединети нации и генералниот секретар Бан Ки Мун во 2014 година, а истиот  се состои од неколку компоненти, меѓу кои и 1)изложба на портрети и сведоштва на луѓе „Спасители“ кои имале значајна морална улога за време на конфликтите во Камбоџа, Руанда, Босна и Херцеговина, како и за време на Холокаустот,  2)серија на документарни филмови кои се однесуваат на вистинските приказни на граѓани на Босна и Херцеговина, чии засолништа за време на масовните злосторства во ова држава значеле и спас на животите на Другите.  

Работилниците ќе ги опфатат овие активности од проектот „Обични херои“, како и две предавања од страна на д-р. Ана Чупеска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ на тема мултикултурализам и транзициска правда, и од страна на д-р. Ирина Талевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на тема Холокаустот, масовните злосторства и односите на моќ.

Дополнително во рамки на работилниците ќе биде претставена и мултимедијалната платформа „Балкан дискурс“ и ќе биде одржан разговор со Кристина Озимец на тема граѓанско новинарство и дигитален активизам.

Деталната програма за двете работилници ќе биде објавена во посебен документ, кој може да го преземете тука .

Работилниците ќе се одржат на 28 и 29 ноември, 2016 година, а во соработка со Правниот факултет „Јустинијан Први“, работилниците ќе се одржат во некоја од предавалните на факултетот. Работниот јазик за време на работилниците ќе биде македонскиот и босанскиот јазик. На работилниците, ќе бидат поделени и материјали за понатамошно читање и запознавање со темите кои ќе бидат отворени за време на истите.

Заинтересираните кандидати треба да испратат своја биографија (CV) на електронската адреса: viki.mladenova@mhc.org.mk, најдоцна до 23 ноември, 2016 година, при што по извршувањето на селекција на учесниците, истите ќе бидат известени за понатамошните детали околу одржувањето на работилниците.  


Со почит,

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo