Corner Соопштенија

Институционален молк за детските бракови 03 Ноември 2016

. . .Алмира имаше 16 години кога замина од дома со цел да живее со Дестан, со кој стапи во заедница по традиционалните обичаи на ромското живеење.  Алмира престана да го посетува училиштето бидејќи верувала дека не е повеќе потребно откако се омажи - сите нејзини потреби ќе бидат исполнети во иднина од страна на Дестан, кој како сопруг ќе има обврска да работи, а таа ќе треба само да се грижи за домашната работа. Родителите на Дестан го поддржале ова уверување.  

Денес, ниту Алмира, ниту Дестан имаат завршено средно училиште ниту имаат сигурни приходи (работа), живеат со родителите и се финансиски зависни, често пати заради притисокот и домашните расправии Алмира се враќа кај нејзините родители и повторно назад во куќата на Дестан за да продолжи со одгледувањето на своето дете...

Склучувањето брак, како и живеењето во неформална заедница помеѓу и со лица под 18 години, како појава може да се забележи години наназад, при што директно се нарушува процесот на образование на малолетниците, се ограничуваат можностите за нивна општествена интеграција, се предизвикува опасност од здравствени нарушувања и се создава родова нееднаквост. 

Прашањето на детски бракови скоро никогаш не било поставувано како приоритет за  делување, ниту од институциите, ниту од здруженијата на граѓани,  од причина што често пати е третирано како “приватна/семејна работа” или уште почесто како културна/традиционална карактеристика на одредени етнички заедници, која доколку се актуелизира ќе придонесе кон дополнителна стигматизација на веќе маргинализираните групи.  

Но, многу ретко може да се забележи дека прашањето е поврзано со децата кои не се доволно зрели самостојно да носат одлуки и во таа смисла државата, преку примената на законските одредби и постапувања на институциите, треба да ги заштити во рамките на утврдени норми за правата на децата и нивниот најдобар интерес. А најдобриот интерес секако не е сиромаштија, семејно насилство, неообразованост, рана бременост или многудетност. 

Каква е состојбата со податоци за детските бракови во Република Македонија?  

Обидувајќи се да одговориме на прашањето, разгледавме наоколу претходни истражувања и наидовме на три извори на информации, односно: 

1. Мулти-индикаторското кластерско истражување спроведено од УНИЦЕФ во 2011 година, според кое бројот на млади девојки на возраст од 15-19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%, кај албанците е 6%, кај македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува 22%. Понатаму, бројот на млади жени на возраст од 15-19 години кои родиле или се моментално бремени на национално ниво изнесува 3%, додека во ромските населби тој е 18%, 

2. Државниот завод за статистика за периодот 2011/2014 година илустрира тенденција на намалување на бројот на склучени (формални) бракови помеѓу лица под 20 години (по години: 236, 208, 185 и 158), 

3. Министерот за труд и социјална политика по повод Меѓународниот ден на женското дете во 2012 година изјави……од 14 илјади бракови, колку што годишно се склучуваат во Македонија, 13% се помеѓу лица под 18 години и тоа во најголем дел склучени со малолетни девојки од ромската заедница. . .  

Oвие податоци ги земавме како основа за подготовка на Студијата на случај “Сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата”  Студијата покажа дека постои сериозно отсуство на официјални податоци за состојбата во државата, како и протоколи за постапување и интерен однос на надлежните институции, кои воопшто и не го препознаваат проблемот за да на тој начин разменуваат податоци и усогласено да постапуваат во обезбедувањето соодветна заштита. Од таа причина, заклучивме дека општо познатиот принцип  “она што не е казниво, тоа е дозволено”  се применува како обичајна пракса помеѓу населението, а истовремено и како правно оправдување помеѓу институциите”.  

Дали родителите/децата можат да постапат поинаку? 

Физичкото лице со деловна способност се стекнува со навршување на полнолетство. Сепак, домашното законодавство ги третира лицата кои имаат 16 години како постари малолетници кои имаат ограничена деловна способност, а со тоа можат да живеат надвор од нивните домови со друго лице, без согласност на родителите, па затоа и родителите изјавуваат дека се ограничени во постапувањето и спречувањето на овие заедници. 

“...Ние мислиме дека љубовта е единственото нешто што ни треба, не сме свесни за обврските од бракот, развојот на технологијата понекогаш има големо влијание врз нашите одлуки, а не советите на родителите” - 20-годишна девојка. 

“...Ние стануваме свесни после три-четири месеци од животот во заедница, и постојат само неколку случаи кои издржале една година, но 90% од случаите што јас ги знам, завршиле со прекин на заедницата”  - 21-годишно момче.  

Одлуката да се склучи брак е една од најзначајните, затоа што го дефинира текот на животот понатаму, носи големи одговорности и обврски, а кога тоа се случува на мала возраст не е само што е крајно несоодветно, туку и ги става девојчињата под нечија „сопственост“ без можност за независно одлучување за сопствениот живот, за едукација и професионален развој. 

“Ова не беше животот што го посакувавме за нашата ќерка, се надевам дека некогаш ќе престане оваа практика, на некој начин, еден ден!” - мајката на Алмира.  

Што  е потребно да се направи? 

Хармонизирање на постојното законодавство со цел експлицитно да се осигура дека минималната законска возраст е 18 години за едно лице да живее во брачна заедница: 

- Закон за семејство – да се забрани живеењето на малолетници во вонбрачни заедници односно да се осигура дека браковите под 18-годишна возраст се дозволени единствено во исклучителни случаеви со судска одлука и кога се во најдобар интерес на детето, придружено со напори за строго контролирано добивaње на стручно мислење. Исклучокот да не биде правило. 
- Кривичен законик – да се помести горната граница од 16 на 18 години во член 197 односно да се опфати возрасната граница до 18 години, наместо до 16 години како што е моментално, предвидено за санкционирање на вклучените полнолетни лица при вакви случаи за да надлежните институции усогласено дејствуваат и преземаат мерки како кон кривични дела. 

Воведување на институционален систем за евиденција и следење на бракови меѓу и со лица помлади од 18 години:  

- Закон за средно образование – да се прошири Збирката на податоци со што ќе се вклучи евиденција на состојбите на ризик на децата, особено во однос на брачните и вонбрачни заедници. Притоа училиштето ќе го известува Центарот за социјални работи кој потоа ќе презема мерки и активности согласно Законот за заштита на децата и ќе ги вклучи МВР односно ОЈО во понатамошно постапување. 

⇒ Развивање на посебна програма за заштита и спречување од брачна заедница под 18 години: 

- Координирана акција помеѓу централните, локалните институции и здруженија за подготовка на дата-база на податоци, размена на податоците и соодветно постапување на сите засегнати страни, 
- Спроведување на кампањи и обуки кои ќе ја сензибилизираат јавноста и професионалците, како и ке обезбеди разбирање на проблемот во контекст на човековите права. 

Авторка на текстот е Несиме Салиоска, извршна директорка на здружението РОМА С.О.С од Прилеп и авторка на студијата на случај  
„Сивата зона помеѓу традицијата и правата на децата“.


*Овој текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.
 

 

 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo