Corner Соопштенија

Сè уште нема решение за дислоцираните Роми од населбата под Кале 07 Септември 2016

И по истекот на еден месец од насилното бркање и рушењето на импровизираните бараки на Ромите под Кале, државата се уште нема решение за проблемот со домувањето на 121 лице кои во моментов живеат под отворено небо непосредно до кејот на Вардар. Државните институции не преземаат никакви чекори во решавањето на овој проблем, а Инспекторатот при Град Скопје не им дозволува на лицата повторно да подигнат привремени живеалишта. 

Хелсиншкиот комитет за човекови права неколку пати изврши посета на терен на дислоцираните лица и при тоа утврди дека станува збор за 29 семејства или 121 лице, меѓу кои 64 деца, вклучувајќи 10 бебиња и три бремени жена кои живеат под отворено небо, без минимални услови за живот. Како резултат на тоа, како и заради топлото време и недостатокот на средства за лична хигиена голем број од лицата имаат кожни инфекции и низа здравствени проблеми. Дополнително дел од лицата немаат лична документација, а со самото тоа не можат да ги остварат своите права од здравствена и социјална заштита. 

Во остварените контакти и одржаните состаноци со надлежните органи од страна на невладината организација Амбрела, информирани сме дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста за решавање  на проблемот. Претставници од Град Скопје велат дека за решавање на проблемот надлежно е Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството за труд и социјална политика одговорноста ја префрлаат на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој како единствено решение предлага лицата да бидат сместени во прифатниот центар во Чичино Село. Овој прифатен центар нема капацитет да ги смести сите 29 семејства, ниту пак има соодветни услови за живот. 

Поаѓајќи од уставната обврска на државата да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност и обврската да им обезбеди заштита на оние граѓани кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција, Хелсиншкиот комитет за човекови права, заедно со партнерските организации Ромски едукативен центар АМБРЕЛА Скопје, Центар за развој на ромската заедница БАИРСКА СВЕТЛИНА Битола, Здружение Ромска организација на жени од Македонија ДАЈА Куманово, Невладина организација КХАМ Делчево, Ромската организација за мултикултурна афримација РОМА С.О.С. Прилеп и РОМАНО АВАЗИ – здружение за јакнење и организирање на ромската заедница до реални промени Тетово, бара од државата да ги преземе следниве мерки за решавање на проблемот на дислоцираните Ромски семејства:

-Министерството за труд и социјална политика да изврши итно мапирање на семејствата кои се дислоцирани

-Дислоцираните семејства итно да бидат сместени во некои од прифатилиштата под надлежност на Министерството за труд и социјална политика кои исполнуваат адекватни услови за живот или да бидат времено сместени во објекти од привремен карактер. 

-На дислоцираните семејства да им бидат распределени социјални станови од проектот за домување на социјално ранливите групи Ф/П 1674. 

-На сите дислоцирани лица да им се обезбедни здравствено осигурување и итна здравствена заштита. 

-На дислоцираните лица кои немаат лична документација да им се олесни пристапот до вадење на лична документација

-На сите семејства да им биде доделена еднократна парична помош и социјална парична помош

-Децата кои се наоѓаат на возраст за основно и средно образование итно да бидат вклучени во образовниот процес.

Хелсиншкиот комитет во соработка со партнерските организации ќе продолжи со мониторирање на овој случај. Во прилог фотографии од извршените посети: 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo