Corner Соопштенија

КЗД утврди дискриминација врз слепите лица од страна на банките во РМ 27 Мај 2016

Хелсиншкиот комитет, заедно со членките на Мрежата  за заштита  од дискриминација, Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија  и Националниот  сојуз на цивилни инвалиди  од војната  на Македонија, ја поздравуваат позитивната одлука на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД) со која се утврдува директна и продолжена дискриминација врз основа на телесна попреченост врз слепите лица од страна на банките во Република Македонија. 

Претставката беше  поднесена  на 24.10.2013 година против сите банки во Република  Македонија со цел утврдување  на дискриминација која се врши врз оваа група луѓе. Нееднаквиот третман се однесува на користењето на банкарски услуги и производи за кои е неопходен потпис на корисникот при што банките не го признаваат потписот од слепите лица, не дозволуваат користење на факсимил и ги принудуваат да ополномоштат трето лице кое би потпишувало во нивно име и за нивна сметка. Слепите лица се соочуваат со проблеми и при користењето на електронско банкарство поради внатрешните прописи на банките (употреба на токени, кодови и слични сигурносни  алатки кои слепите лица не се во состојба да ги користат).  Дополнително, банките не обезбедуваат употреба на асистивна технологија, како што е на пример говорниот банкомат, браевиот печатач, софтверските решенија за пристапност до електронски услуги итн.

Од овие причини КЗД препорачува банките да не бараат ополномоштено лице да делува во име на слепите и лицата со оштетен вид и да создадат услови за личен потпис и факсимил. КЗД препорачува секоја банка да направи разумно прилагодување на специфичните потреби на овие лица, како во своите експозитури, така и на интернет. Во однос на контролата на работењето на банките, КЗД дава препорака кон Народната банка на Република Македонија, како одговорна институција за супервизија на работењето на банките, да ја засили контролата во остварувањето на еднаков пристап до услугите и производите на банките од страна на слепите лица и лицата со оштетен вид.

Досега подготвеност за промена на ваквиот нееднаков третман покажа единствено Комерцијална банка АД Скопје,  која ги промени своите внатрешни прописи и овозможи приемот и испраќањето на финансиските средства и користењето на останатите услуги, слепите и лицата со оштетен вид, да го вршат самостојно, директно и со помош од страна на банкарските службеници, без притоа да биде неопходно присуство на полномошник.  За оваа цел, банката обучи вработени лица кои веќе постапуваат во делот на електронското банкарство, отворање на тековни сметки и отворање на сеф.

Исто така, банката досега обучи повеќе слепи и лица со оштетен вид за користење на услугите и производите на електронското банкарство (интернет, еапликации итн.). Банката ја прилагоди и постапката за изнајмување на сеф од страна на слепите и лицата со оштетен вид, на начин што сега истите можат да отворат сеф во присуство на двајца банкарски службеници.

Сметаме дека е неопходно останатите банки да ја променат дискриминаторската пракса во најскоро време согласно позитивниот  пример  на Комерцијална  банка, која значително придонесе за надминување на проблемите со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид. 

Воедно,  сакаме  да потенцираме  дека КЗД и во овој случај не донесе одлука во законски предвидениот рок од 90 дена, поради што ја повикуваме во иднина да го почитува овој рок и навремено да ги штити правата на граѓаните. 


Целосното соопштение може да го преземете на следниот линк. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo