Corner Соопштенија

Една година од протестите на 5-ти мај 05 Мај 2016

Пред точно една година на денешен ден, беа објавени телефонските разговори поврзани со обидот за прикривање на убиството на Мартин Нешковски, во кои беа инволвирани поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот портпарол на МВР Иво Котевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер. Згрозени од содржината на разговорите, граѓаните истата вечер на 05.05.2015 година, спонтано се собраа пред Владата на РМ со цел да го искажат својот револт. Она што започна како мирен протест по 21:00 часот прерасна во судир на граѓаните и полициските службеници, кое започна со истиснување на граѓаните од пред Владата при што беше употребена несразмерна и прекумерна  физичка сила, во слуачи и кога не беше воопшто потребна, односно врз граѓани кои мирно седеа со кренати раце. При приведувањето на дел од лицата учесници во протестите исто така беше употребена физичка сила , а имаше информации и дека со повреди се здобиле и лица кои воопшто не учествувале на протестите туку биле затекнати на улиците. Во полициската акција таа вечер, беше насилно влегувано во повеќе објекти меѓу кои и во библиотеката “Браќа Миладиновци” со образложение дека некои од студентите кои биле затекнати во библиотеката, биле учесници во протестите. 

Вечерта на 05.05.2015 беа приведени 42 лица, од кои на 12 лица им беше изречена мерка притвор, а на 1 лице куќен притвор. На демонстрантите кои беа кривично гонети, им беше определена условна казна затвор од 3 месеци која нема да се изврши доколку во рок од 1 година не го повторат делото. 

До Хелсиншкиот комитет со барања за правна помош се обратија дел од лицата кои беа уапсени и лишени од слобода 24 часа по протестот, но и лица врз кои беше употребена прекумерна сила, а кои учествувале или пак не учествувале на протестот. 

Поголемиот број лица кои дојдоа во Хелсиншкиот комитет да го пријават полициското насилство не сакаа да покренат постапки против пречекорувањата на полицијата и употребата на прекумерна физичка сила, поради недовербата во институциите. Тие сметаа дека нивните права нема да бидат заштитени и дека евентуалните постапки кои би ги покренале ќе им наштетат на нив или нивните семејства. Ваквите изјави ја потврдуваат констатацијата која Хелсиншкиот комитет ја дава во своите извештаи во однос на недовербата на граѓаните во институциите, особено врз судството, поради нивната партизираност и неможноста да се спротивстават на влијанието од извршната власт.  

За наведените пречекорувања на службените овластувања од страна на полицијата, јавното обвинителство досега не покрена ниту една постапка постапка по службена должност.

 За настанот во библиотеката „Браќа Миладиновци“ беше поднесена кривична пријава до обвинителството од страна на Либерално-демократската партија, додека од лицата врз кои беше употребена прекумерна употреба на сила од страна на полицијата, единствено едно лице поднесе кривична пријава за Малтретирање во вршењето на службата. И покрај сериозноста на повредите на правата, до денес  јавното обвинителство се уште ја нема известено јавноста за исходот на истрагата и за тоа дали ќе биде иницирана судска постапка против осомничените полициски службеници.

Една година подоцна граѓаните повторно го искажуваат својот револт на  улица како резултат на незаконитоста на политиките што ги спроведува власта и повторно беа приведени  13 лица. На 11 од нив им беше изречена прекршочна санкција, а на 4 лица им беше одредена мерка куќен притвор.  

Нема дилема дека повикувањето на разговор во полициска станица и одлуките за куќен притвор и поведување на кривични постапки претставуваат методи на заплашување на граѓаните за да не учествуваат на протестите кои се одржуваат во овој период. Овие дејствија се спротивни на член 21 од Уставот на РМ со кој се гарантира правото на граѓаните да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови нa воена и вонредна состојба, што не е случај во оваа ситуација.  За споредба, Комитетот имаше свои набљудувачи и на насилните протести против Oпштина Центар, што се одржаа во 2014 година, за кои против учесниците не беше покрената судска постапка, што  јасно говори за селективноста во постапувањето на органите на прогонот и судовите.  

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo