Corner Соопштенија

Протест на осудените лица што издржуваат затворска казна 05 Мај 2016

Во врска со денешниот протест на осудените лица, би сакале да ве информираме за тековните состојби во македонските казнено-поправни установи и условите за живот во нив. 

Со состојба од 12 април 2016 година, вкупниот број на лица што се наоѓаат во некоја од тринаесетте затворени установи е 3.446. Од нив, 3.159 се осудени лица што издржуваат затворска казна, а 287 притворени лица. Вкупниот капацитет за осудени лица е 2.026, што значи дека постои пренатрупаност од 156%, односно во просек 156 лица престојуваат во просторни услови за 100 лица. Најалармантна е состојбата во Затворот Струмица каде има капацитет за 62 лица, а престојуваат 150 лица, односно пренатрупаноста изнесува 242%. Пренатрупаност од 200% има во Затворот Тетово, а над 170% има во КПД Идризово и затворите во Штип и Гевгелија. Според Управата за извршување на санкциите бројот на осудени лица што издржуваат затворска казна од 2010 до 2016 година се зголемил за 46%. 

Затворите се со суб-стандардни услови за живот. Пренатрупаноста ја загрозува приватноста, го нарушува достоинството на луѓето и резултира со нечовечки и нехумани услови за живот. Механизмите за надзор се нефункционални. Третманот кој лицата го добиваат често е нечовечки што е во спротивност со принципот на апсолутна забрана за тортура. Проектот за Реконструкцијата на пенитенцијарите и воспитните установи требаше да започне во 2011, но до денес освен новоизградениот Затвор Куманово кој не е изграден според стандардите за институција од ваков тип,  не е завршена планираната реконструкцијата на ниту еден друг затвор или воспитен дом. Куќниот ред во затворите се применува премалку или воопшто не се применува. Oсудените лица што се обраќаат до Хелсиншкиот комитет најчесто се жалат на несоодветната здравствена заштита, пренатрупаноста, неефикасноста на правната помош, неспроведување на програмите за ресоцијализација, непостоењето на образовни програми, нехигиената, немањето активности, неможноста да се помине подолго од 1 час на отворено, ограничена кореспонденција итн.  

Според Комитетот за превенција од тортура, во некои од затворските соби има наезда од бубачки и разни инсекти, а душеците за спиење се стари и оштетени. Ова меѓународно тело укажува на присуство на голем степен на корупција меѓу затворските служби и затворениците. Комитетот наведува дека во затворот изгледа дека може да се купи сè, од мобилни телефони, дрога, условен отпуст и подобро сместување во затворот. Според Комитетот, опстојува насилството од страна на затворските служби, во форма на шамари, удари, клоци и удари со палка по телото. Насилство се употребува како казна за поседување недозволени предмети, како средство за дисциплина или разрешување на насилство меѓу затворениците. Забележано е и расистичко однесување кон затворениците од Ромска етничка припадност.

Системот на поплаки од осудените лица до директорите на затворите, Управата за извршување на санкциите и судовите е целосно нефункционален. Државната комисија за вршење надзор во казнено-поправните и воспитно-поправните установи предвидена со Законот за извршување на санкциите  е формирана само на хартија  и не функционира. Надзорот од страна на судиите за извршување на санкции е исто така непостоечки. Освен Народниот правобранител, чии укажувања се незадолжителни, не постојат механизми за независна контрола ниту на затворите, ниту на Управата за извршување на санкциите. Управата континуирано ги одбива невладините организации и медиумите да ги посетуваат затворите и да разговараат со осудените лица. 

Поради сите наведени причини, Хелсиншкиот комитет го поддржува протестот на осудените лица и апелира активностите предвидени во Проектот за реконструкција на пенитенцијарите установи да се забрзаат. Административниот и судскиот надзор мора да биде зајакнат. Невладините организации и медиумите мора да бидат во можност слободно да ги посетуваат затворите и да известуваат за условите за живот во нив. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo