Corner Соопштенија

Покана за консултативен состанок- Заштита на правата на обвинетите 30 Март 2016

Хелсиншкиот комитет има чест да ве покани на консултативен состанок во рамките на регионалниот проект „Унапредување на заштитата на правата на обвинетите во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Македонија и Албанија“, координиран од страна на Хелсиншкиот комитет на Република Српска, со поддршка на Канцеларијата на Американската адвокатска комора во Скопје. Состанокот ќе се одржи на 04 април 2016 година (понеделник), во Хотел „Арка“ во Скопје, со почеток од 12:00 часот.

Во рамки на проектот беше изготвена компаративна анализа на ниво на Западниот Балкан, во врска со правото на бесплатен бранител по службена должност кога обвинетиот е сиромашен, односно кога тоа го бараат интересите на правдата и задолжителна одбрана со бранител. Анализата на оваа тема за Република Македонија беше подготвена од претседателот на Хелсиншкиот комитет, проф. д-р. Гордан Калајџиев. 

Хелсиншкиот комитет побара и доби информации од 26 основни судови ширум државата што се однесуваат на поставувањето на бранители по службена должност, можноста за избор на бранител од страна на обвинетите лица, бројот на ангажирани бранители во 2015 година, начинот и времетраењето на исплата на бранителите и проверка на нивната компетентност од страна на судовите. Од страна на Судскиот совет на РМ беа побарани и добиени податоци во врска со вкупниот износ на неподмирени обврски на судовите за ангажирани бранители за последните 3 години. 

За време на консултативниот состанок на кој ќе учествуваат адвокати и претставници на граѓански здруженија ќе бидат презентирани наодите и препораките од Анализата за почитувањето на правото на бранител во Република Македонија, како и одговорите на основните судови и Судскиот совет на РМ. Состанокот е замислен како форум за дискусија на презентираните наоди и можност за учесниците, преку своето искуство и видувања, да предложат препораки за подобрување на постоечкиот систем за поставување, исплаќање и компетентност на бранители по службена должност. По состанокот ќе биде подготвен документ за јавна политика. 

На учесниците што не живеат или работат во Скопје ќе им бидат покриени патните трошоци во висина на билет за воз/автобус или 8 денари за поминат километар со сопствено возило.

Агендата за состанокот може да ја преземете на следниот линк.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo