Corner Соопштенија

Меѓународен ден на човековите права 10 Декември 2015

Денес земјите членки на Обединетите нации го одбележуваат Меѓународниот ден на човековите права, со пораката "Нашите права, нашата слобода, секогаш" со цел да се унапреди и подигне свеста за двата темелни пакта за граѓански и политички и за економски, социјални и културни права, кои во 2016-та година навршуваат 50 години од нивното донесување. 

Република Македонија, како земја членка на Обединетите Нации, ги ратификуваше овие два меѓународни документи, со што тие станаа дел од нашиот правен систем.

Иако ова значи дека државата мора да ги гарантира и почитува правата и слободите утврдени во овие документи, Република Македонија постапува сосема спротивно и се уште ги ограничува дури и основните слободи и права, притоа необезбедувајќи ефикасни механизми за нивна заштита. 

Во 2015 година бевме сведоци на апсолутната злоупотреба на државниот систем за зацврстување на моќта на владејачката коалиција, наспроти волјата и потребите на граѓаните, кои потполно се изгубија во партиско - политичкиот дискурс и ја загубија и онака слабата доверба во институциите. Почнувајќи од масовното следење на комуникациите на граѓаните, прекумерната употреба на сила од страна на полицијата на протестите од 5 мај, а потоа и ограничувањето на правото да се протестира пред институциите, особено пред Владата на РМ, ограничувањето на слободата на изразување, дискриминацијата која продолжи да постои во секоја пора на општеството, особено кон маргинализираните заедници и бегалците, можеме да констатираме дека во 2015 година беа срушени сите темели врз кои треба да се гради демократски систем и општество. 

Владата продолжува да биде доминантен финансиски поддржувач на најголем број на национални телевизии, што особено влијае на слободата на изразување и слободата на информирање, особено поради влијанието на власта во уредувачките политики на медиумите. Отсуството на независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, како и прислушувањето на новинари, нивното притворање (случајот Кежаровски), вознемирување и употребата на сила врз новинарите особено влијаат за појавата на самоцензура.

Она што ќе остави особен белег врз практикувањето на правото на слободен собир се протестите кои се одржаа на 5 мај пред Владата на РМ, кога полицијата употреби прекумерна сила врз демонстрантите и уапси повеќе од 40 лица, со што успеа да внесе страв кај граѓаните. Дополнително, дел од уапсените лица, меѓу кои и претставници на Студентскиот пленум, беа притворени, а потоа и осудени врз основа на признание дека учествувале во толпа која спречила службено лице да изврши службено дејствие. Фактот што за евидентната прекумерна употреба на сила од страна на полицијата до денешен датум нема информација во јавноста дека обвинителството покренало постапка по службена должност, докажува дека системот за заштита на граѓаните и нивните права не функционира во нивна полза. 

Оттука, денешниот ден го одбележуваме истакнувајќи ја потребата за целосно департизирање на институциите и нивно враќање на граѓаните за кои се востановени со цел да им овозможат правна сигурност и заштита на слободите и правата. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo