Corner Соопштенија

Нападите врз децата Роми мора да бидат истражени и соодветно санкционирани 13 Ноември 2015

Мрежата за заштита од дискриминација изразува загриженост за нападот на дете од ромската етничка заедница кој во средата, 11.11.2015 година, се случил кај пекарата СИЛБО, во центарот на градот Скопје. Имено, според очевидци, детето било малтретирано и удирано, наводно поради тоа што барало пари од луѓето кои купувале во пекарата. Очевидец го пријавил настанот во полиција, која дошла за многу кратко време пред пекарата и земала изјави од лицата кои наводно го сториле делото и од очевидецот кој го пријавил настанот. 

Сметаме дека со ваквите дејствија лицата извршиле кривично дело, поради тоа што во група  го малтретирале, телесно го повредиле и ја загрозиле сигурноста на детето. Ако се земе во предвид дека делото е извршено на јавен простор - пред угостителски објект во центарот на градот Скопје и пред поголем број на други лица, гости во објектот, може да се констатира дека сторителите со овие дејствија предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај останатите присутни.

Со оглед на тоа што жртва на кривичното дело е дете од ромска етничка припадност, кое припаѓа на маргинализирана заедница, а дејствијата на сторителите со кои се повредуваат правата на жртвите се насочени кон цела група на деца од ромска етничка припадност како една целина, со своето постапување сторителите извршиле дискриминација врз основа на етничка припадност и припадност на маргинализирана заедница. 

Особено загрижувачки е што ова не е прв пријавен случај за малтретирање и напад на ромски деца од страна на вработени лица или пак сопственици на угостителски објекти. Поради ова сметаме дека Министерството за внатрешни работи и јавното обвинителство треба да работат на итно расветлување на случаите и преземање на соодветни дејствија за покренување на кривичен прогон против осомничените, а со цел нивно казнување и превенирање на идни напади врз децата Роми.

При постапувањето од страна на надлежните институции бараме особено да се земе предвид Конвенцијата за правата на детето во која е наведено дека  државните органи мора да ги превземат сите соодветни мерки заради заштита на детето од сите форми на физичко и ментално насилство како и повреди и малтретирање, како и праксата на Европскиот суд за човекови права, особено случајот Bekos and Koutropoulos v.Greece каде е утврдено дека за прекршување на забраната на дискриминација ќе се смета и неможноста или неспособноста на државните органи да истражат дали во определен случај постојат расистички мотив, односно расна дискриминација.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo