Corner Соопштенија

Вработување на 600 нови полицајци во Министерството за внатрешни работи 15 Јули 2015

На 10 јули 2015 г., МВР објави оглас за вработување на 652 извршители, од кои 600 на работно место „Полицаец“. Огласот следува по огласите за вработување на 300 полицајци во 2012 и 400 полицајци во 2013 г. Според тоа, за 3 години, МВР ќе се јави како работодавач на нови 1.300 полицајци. Во ноември 2013 г. Хелсиншкиот комитет до МВР испрати барање на информации за вкупниот број на вработени лица во Министерството. Според одговорот, тој број изнесува 10.755 од кои 6.579 се униформирани полициски службеници, а останатите вработени се неуниформирани, овластени лица, државни службеници и технички персонал. 

Имајќи предвид дека овие податоци се однесуваат на бројот на вработени пред потпишување на договорите за вработување со кадетите од огласите објавени во 2012 и 2013 г., бројот на униформирани полицајци во Република Македонија изнесува максимум 7.297 (реалната бројка е најверојатно малку помала, имајќи предвид дека дел од полицајците во изминатата година и пол го исполниле условот за пензионирање). Доколку на оваа бројка се додадат новопредвидените 600 полицајци, вкупниот број на вработени во МВР ќе надмине 11.000, а бројот на униформирани полицајци ќе биде околу 7.900. 

Овие бројки доведуваат до заклучок дека МВР е најголемиот работодавач во Македонија и дека на секои 100.000 жители ангажирани би биле приближно 395 полицајци (според пописот од 2002 година). Според истражување на Обединетите нации, просечниот број на овој сооднос во светот е 300. Што се однесува на вкупниот број на вработени во МВР, според статистиката на Еуростат, македонското МВР се наоѓа на трето место по број на вработени. Статистиката се однесува на 38 европски држави, а повеќе вработени има единствено во Кипар и Црна Гора. 

Особено загрижува фактот што при објавување на огласите МВР не нуди никакво образложение која е потребата од зголемување на и така преголемиот број на вработени. Дополнително, граѓаните не се известени за финансиските импликации од овие вработувања кои во голема мера го обременуваат државниот буџет. МВР, покрај тоа што не се консултира со заедницата, не постапува ниту согласно Стратегијата за реформи на полицијата на Владата на РМ од 2003 година и нејзиниот Анекс од 2004 година преку кој се предвиде намалување на бројот на вработени на 7.200 лица, од кои 6.000 би биле униформирани полициски службеници. 

Сето ова, заедно со незадоволителниот 12 месечен тренинг на кадетите кој не е доволен и е воглавно насочен кон совладување на теоретски знаење, укажува на крајна политизација и партизација на МВР. Поради сите наведени причини, Хелсиншкиот комитет го повикува МВР веднаш да го повлече објавениот оглас и наместо на квантитет и вработување на партиски кадри да се посвети на професионализација на полицијата и бројот на вработени да го усогласи со бројките предвидени во Стратегијата за реформи на полицијата.


Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo