Corner Соопштенија

Неуставен предлог за избор на министер за внатрешни работи 13 Мај 2015

На 12 мај 2015, претседателот на Владата на РМ, до Собранието на РМ достави допис во кој известува за оставките на министрите за внатрешни работи и транспорт и врски. Во дописот е содржан и предлог за избор на нов министер за внатрешни работи, а лицето предложено за оваа функција е г. Митко Чавков, актуелен директор на Бирото за јавна безбедност при МВР. Видно од кратката биографија на г. Чавков, тој од периодот април 2012 година до мај 2013 година работел на работното место „началник на централните полициски служби во Бирото за јавна безбедност при МВР“. 

Согласно Член 97 од Уставот на РМ, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години. Орган на државната управа во областа на полицијата е МВР, а раководното лице е министерот за внатрешни работи. Според тоа, за да биде избран за министер, г. Чавков морал да биде цивилно лице најрано од април 2012 година. Имајќи предвид дека сè до мај 2013 година тој бил полициски началник, произлегува дека г. Чавков не го исполнува условот предвиден во Член 97 од Уставот на РМ.

Комитетот потсетува дека во 2004 година, пред Уставниот суд на РМ, го оспори изборот на г. Силјан Аврамовски како министер за внатрешни работи. Причината за оспорувањето беше работниот ангажман на г. Аврамовски најпрвин како помошник директор, а подоцна (во рокот од 3 години пред назначувањето) и директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. За жал, со Решение У.Бр. 127/2004, Уставниот суд се прогласи за ненадлежен да одлучува по ова прашање посочувајќи дека е право на Собранието да ги избира министрите во Владата и дека одлуката за избор по својот карактер и содржина претставува поединечен акт, со кој не се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин и истиот не е пропис. 

Хелсиншкиот комитет предупредува дека евентуалното прифаќање на предлогот на премиерот од страна на мнозинството пратеници би претставувало јасно, свесно и недвосмислено прекршување на Уставот на РМ. Комитетот укажува дека споменатото решение на Уставниот суд не смее да се користи како оправдување за неуставен избор на идниот министер за внатрешни работи и е подготвен евентуалниот избор на г. Чавков да го оспори пред Уставниот суд на РМ. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo