Corner Соопштенија

10-ти декември, светскиот ден на човековите права 10 Декември 2011

Одбележувањето на 10ти декември, светскиот ден на човековите права  оваа година е посветено на бранителите на човекови права ширум светот. Имајќи ги предвид случувањата изминатата година во нашата држава, во која повторно наместо толеранција и почитување ја одбележаа говорот на омразата, нетолеранцијата, етноцентризмот, напади врз организации, медиуми и за жал напади и прогонства на активисти, бранители на човекови права, ова посветување на бранителите на човекови права иницирано од Обединетите Нации доаѓа во вистински момент. Основната мисија и посветеност на бранителите на човекови права е менување на општествените норми, како и законските рамки во своите држави, со цел за подобрување на правата на сите човечки суштества, трасирање на државите на патеката кон праведни општества. 

Незаборавни се многу бранители и активисти, како на пример Симон де Бовар и многу други за родовата еднаквост, кои со ова движење постигнаа огромни резултати (иако има уште долг пат да се изоди), обезбедувајќи делумна еднаквост за жените ширум светот, односно за половината од популацијата во светот.  Иако мисијата на активистите против расизмот на почетокот изгледала невозможна, поголемиот дел од белците ја сметале за дезинтегрирачка и заканувачка за системот кој го граделе и опстојувал со векови, сепак со упорната борба на многу знајни и незнајни активисти се разви ова движење и донесе слобода и права во сегрегирана Америка. Говорот на Мартин Лутер Кинг „Имам сон“ е инспирација и ден денес за многуте сонувачи за праведен свет во кој сите ги уживаат своите права како човечки суштества. Денес сме сведоци на плодовите од работата на овие бескомпромисни борци за човекови права и го поздравивме сите изборот на првиот Афроамерикански претседател на САД. Колку што има познати, уште толку има непознати бранители на човекови права, најчесто подложни на притисоци, прогонства, затварања, убиства...

Социјалниот инженеринг е жив процес кој се движи напред, и секоја здрава држава и политичка структура, создава услови за непречено развивање на овие граѓански движења и непречено работење на бранителите на човекови права, сакајќи да ја види иднината, односно да може успешно да ги евалуира и проектира целите кон кои се движи општеството. Создавањето на слободно опкружување, во кое ќе можат непречено да се развиваат творци, активисти, визионери и други посветени на социјалниот инженеринг, е неопходност, без која секое современо општество е осудено на стагнација и пропаѓање.

Затоа е неприфатливо однесувањето на нашата Владата, која се пресметува со бранители на човекови права, со медиуми кои размислуваат поинаку, граѓанските организации кои не ги делат нејзините „визии“. Ваквиот груб обид за дисквалификација и миноризирање на препораките од бранителите на човекови права и граѓанските движења, секако не е карактеристика на демократските општества, кога очигледно не само што не се земаат во предвид анализите и проекциите од овие посветени луѓе и невладините организации, туку се прави сe за да се замолчат. Се прогласуваат за анти-државни и предавнички структури, странски платеници итн. 

Поаѓајќи од фактот дека бранителите на човекови права и граѓанските организации работат во интерес на граѓаните што е нивна базична мисија и смисла на постоење, Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија бара од Владата на Република Македонија, наместо стигматизација, дискредитација и замолчување на бранителите на човекови права и невладиниот сектор да започне сериозен и отворен дијалог со сите активни чинители во македонското општество и сериозно да ги разгледа анализите, препораките и проекциите кои активистите и граѓанските движења ги објавуваат. Објективното мониторирање на состојбата со човекови права и движењата во општеството од страна на активистите и граѓанските организации е незаменлив коректор и насочувач, особено во време на целосни реформи на општествените односи и законската рамка, на патот кон поправедно општество во кое сите луѓе ги уживаат своите и ги почитуваат правата на другите. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo