Corner Соопштенија

ПОКАНА: Комитет против тортура при ООН | Седница за Република Македонија | 4 мај 2015 година 30 Април 2015

На 4 мај 2015 година од 10 до 12 часот, во Женева, Комитетот против тортура при ООН во рамките на 54-тата седница ќе го разгледува третиот периодичен извештај на Република Македонија. Како потписничка на Конвенцијата против тортура и други сурови, нечовечки или понижувачки казни и постапки, Република Македонија е обврзана секои четири години да поднесува извештај за состојбата и почитувањето на апсолутната забрана на тортурата. Извештајот ќе биде претставен од страна на државна делегација составена од претставници на неколку министерства кои ќе одговараат на прашања од страна на Комитетот против тортура. 

Со свој придонес кон разгледувањето на извештајот, во форма на извештај во сенка, учествуваше и Хелсиншкиот комитет во соработка со Светската организација против тортура (OMCT) и пет локални здруженија на граѓани.*  Во заедничкиот извештај беа опфатени неколку проблематични теми преку примери од праксата – непрепознавањето на нечовечки третман од страна на јавните обвинители и судовите, неефективната истрага и неказнивоста на делата на тортура, бруталниот и дискриминирачки третман на маргинализираните групи од страна на полицијата, прекумерната употреба на сила од страна на специјалната единица „Алфа“, неефикасната внатрешна контрола врз полицијата, загрижувачките и нечовечки услови во затворените институции, како и неефикасноста на институциите поврзана со зачестените убиства на жени при семејно насилство. 

Хелсиншкиот комитет, со поддршка на Светската организација против тортура, организира проследување на отворената седница на Комитетот против тортура при разгледувањето на извештајот на Република Македонија во живо преку видео пренос. Настанот ќе се одржи на 4-ти мај (понеделник) од 9:30 до 12:00 часот, во Хотелот Арка во Скопје, а ќе може да се проследи и преку: http://www.treatybodywebcast.org/treaty-body-webcast-ii/  

Би ни претставувало особено задоволство доколку и Вие присуствувате на проследувањето на седницата. Во прилог Ви ја испраќаме агендата. Ве замолуваме да го потврдите вашето присуство на 02 3119 073, лице за контакт: Сања Барлаковска. По настанот ќе следува коктел.

А Г Е Н Д А

09:15 – 09:30 Пристигнување и регистрација на учесниците

09:30 – 09:45 Воведно излагање на Уранија Пировска, Хелсиншки комитет, извршна директорка

09:45 – 10:00 Претставување на извештајот во сенка, Воислав Стојановски, правен советник  

10:00 – 12:00 Проследување на отворената сесија во живо

12:00 – 13:00 Коктел 

Со пријателска поддршка од: 







* Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствена едукација и истражување,  Институт за човекови права, Х.О.П.С – Опции за здрав живот, РЕАКТОР и Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани групи. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo