Corner Соопштенија

Комитетот непожелен во истражниот затвор! 03 Февруари 2011

На Хелсиншкиот Комитет, постапувајќи во рамките на својот мандат во случајот „Пајажина” подолг временски период не му се дозволува да влезе во истражниот затвор. Имено, согласно наводите за нехуманиот, деградирачки и понижувачки третман на притворените лица, како и за лошите материјалните услови во кои се сместени во Затворот „Скопје” Скопје, Хелсиншкиот Комитет, постапувајќи по барања на странките, се обрати до истражниот судија да ни биде овозможена средба со притворените лица. 

По настојувањата на Хелсиншкиот Комитет и телефонските разговори со истражниот судија, по цели 10 дена добивме и писмен одговор во кој сосема накратко сме известени „барањето да го проследите до Министерството за правда - Управата за извршување на санкции” како и тоа дека „истражниот судија постапува исклучиво по барања на притворените лица”.

Според насоките од истражниот судија, Комитетот реши да се обрати до Управата за извршување на санкции  и покрај тоа што законот е дециден дека надлежноста на Управата се однесува исклучиво на материјалните услови во казнено поправните установи. Дополнително, писмено се обративме до Управата со барање да направиме и посета за материјалните услови во затворот, од каде се прогласија за ненадлежни. ОСТАНУВА НЕЈАСНО зошто и Управата се ИЗЗЕМА од одговорност кога истата е надлежна!?

По информацијата дека дополнително дел од приведените упатиле барање до судијата, повторно Комитетот се обрати до истражниот судија, од каде е одговорено дека „ниту едно од притворените лица во случајот пајажина до истражниот судија не се обратил на писмено со примедби за нарушени човекови права или нехуман третман кон нив во затворот Скопје- Скопје”.  

Повеќе од јасно е дека двете надлежни институции купуваат време и си ја префрлуваат топката еден на друг, затварајќи ни ги вратите на Затворот „Скопје” и оставајќи не настрана од случајот „Пајажина”.

Причините за инсистирањето за посета на Затворот „Скопје“ Скопје се наводите за отсуство на затоплување кое трае веќе подолг временски период, лошите материјални услови и несоодветната грижа особено на бремена жена и хронично болни лица. Индициите за ваквото постапување претставуваат нехуман третман кој се подведува под тортура врз притворените лица и лицата кои ја издржуваат својата казна затвор, но и сериозно прекршување на законските одредби и Европските затворски правила. 

За жал стравувањата на Комитетот се покажаа оправдани имајќи го во предвид фаталниот исход на бременоста, поради што Комитетот смета дека надлежните институции МОРА да понесат ОДГОВОРНОСТ!

Од ваквиот однос на институциите неминовно се наметнуваат  прашањата: Зошто барањето за посета на притворените беше одбиено од страна на истражниот судија кога позитивно беше одговорено на барањата за посета во многу други случаи (Бродец, Змиско Око и сл.)  Зошто се држи на дистанца Хелсиншкиот Комитет, односно што не треба да види Комитетот во Затворот Скопје? Дали поради ваквите случаи,  невладиниот сектор не беше вклучен како дел од националниот превентивен механизам?

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo