Corner Соопштенија

Колку вреди човечкиот живот? 07 Јуни 2011

Ден после избори низ државата одекна веста дека припадник на полицијата на брутален начин и со прекумерна употреба на сила до смрт претепал младо 23 годишно момче. Ова би му дошло како добро утро на реформите кои ги најави сега победничката политичка партија со што само ја продолжува „реформата” таму каде застана.

Од друга страна МВР занеме! По неколкуте обиди на новинарите за било каква информација, МВР излезе со официјален став дека таков настан не бил воопшто пријавен, за потоа истите да изјават дека “е констатирано смрт, но нема траги на насилство”.

Акцијата преземена од страна на припадник на полицијата, при што еден млад живот згасна на многу нечовечки и брутален начин, уште еднаш покажува дека реформите во полицијата не ги даваат соодветните резултати и дека таа е повторувач во однос на реформското учење. 

Денот после избори ќе се запамети и по спектакуларната „координирана” акција во која е приведен Љубе Бошкоски, претседател на политичката партија Обединети за Македонија. Истиот доцна вечерта е изведен пред истражен судија, кој по default му одредил мерка притвор. 

И оваа акција како и претходните не беше лишена од спектакуларност и од интерни снимки на МВР дистрибуирани до медиумите. Повторно беше воочено прекумерно ангажирање на полициски сили за што апсолутно немаше потреба, бидејќи во случајот се работи за приведување на лице кое не дава отпор при приведувањето, со што не постои ризик по полициските службеници. 

Имајќи ја предвид кампањата која Бошкоски ја водеше во предизборието, неизбежно се наметнува прашањето дали можеби повторно се фрла сенка на слободата на говор за критикување на власта ?! Дали станува збор за политички реваншизам и замолчување на гласните критикувачи или за владеење на правото подеднакво за сите?!

Бидејќи и во двата случаи припадниците на полицијата повторно постапуваат спротивно на своите надлежности, Хелсиншкиот Комитет остро ги осудува преземени акции од страна на МВР.  

Човечкиот живот е непроценлив, ниту се дава некому, ниту пак може некој да му го одзеде, а секој има право на слобода и сигурност. Укажуваме на универзалните вредности на човековите права и слободи според кои „Сите човекови суштества се раѓаат слободни и еднакви... Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на општо човечката припадност[1]”,  како и дека „Правото на живот на секој човек е заштитено со закон. Никој не смее намерно да биде лишен од живот[2]...  

Хелсиншкиот Комитет бара итна, целосна и транспарентна истрага по случајот на убиството на младото момче, со ефикасен исход и соодветни мерки против сторителот на делото. Хелсиншкиот Комитет воедно инсистира на почитување на принципот на пресумпција на невиност и фер постапка кон Љубе Бошкоски!  

--------------------------------------------------------------------------------

[1] член 1 од Универзалната декларација за човекови права

[2] член 2 од Европската конвенција за човекови права

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_banerzlostorstva_od_omraza_baner Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo