Corner Соопштенија

ПРЕС: Предлог на Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство 04 Септември 2014

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство која е мрежа од 27 организации кои работат на проблематиката на семејно насилство  и која беше член на Националното координативно тело за семејно насилство во рамки на Министерството за труд и социјална политика не беше вклучена во работната група за креирање на новиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Всушност, ниедна  невладина организација не беше поканета да биде дел од овој процес што е недозволиво во ситуација на постоење на закон кој предвидува вклучување на граѓанскиот сектор во процесите на креирање на закони. Поради тоа имаме сериозни забелешки за начинот на изготвување на овој предлог закон, и нашето исклучување од консултативниот процес   и покрај  неколкуте обиди од наша страна да предложиме решенија и да бидеме вклучени во суштинска дебата.

Што се случуваше !

На Јавната расправа организирана за разгледување на потребата од креирање на нов Закон за превенција и спречување на семејно насилство, која беше закажана од претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, а одржана на 27 декември 2013 во Собранието на РМ беа донесени следниве заклучоци: 

1. Отпочнување на нов процес за креирање на законот во кој покрај претставници од институциите ќе бидат вклучени и претставници од невладин сектор и парламентот. 

2. Подготовка на соодветна анализа на ситуацијата за проблемите во имплементација на системот за заштита од семејно насилство. 

Ниту еден од горенаведените заклучоци коишто беа донесени во Собранието на Република Македонија, не беа испочитувани. Писмено побаравме од д претседателката на КЕМ, г-ѓата Лилјана Поповска  јавно да ја објасни причината за непочитување на препораките од законодавниот дом. Тоа не се случи. 

Понатаму. Бевме поканети и присуствувавме на  јавната расправа  која се одржа на 10 јули 2014 година во хотелот ТЦЦ Гранд Плаза во Скопје иако сметавме дека едночасовен форум не дозволува сеопфатна и суштинска дебата за предизвици поврзани со  превенцијата и заштитата од семејно насилство коишто не ги адресира новиот предлог закон.  

И покрај тоа што тенденциозно бевме исклучени од процесот ние останавме конструктивни во името на заштита на жртвите и дадовме генерални забелешки околу законот кој не е ни одблиску она што и е потребно на Македонија во делот на целосна заштита на жртвите од семејно насилство. Генерални забелешки на Предлог – Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство:

1.Нема претходна анализа на капацитети за превенција и заштита од семејно насилство коишто постојат во Република Македонија, врз основа на која  преку законското решение сеопфатно ќе се одговори на постоечките слабости во различните сектори кои го третираат семејното насилство.

2.Законот не е родово сензитивен, не го дефинира семејното насилство како родово базирано насилство и не ги препознава девојките и жените како посебно ранлива група на родово-базирано насилство. 

3.Законот не нуди нови подобрени решенија за проблемот на семејното насилство, ниту од аспект на превенција, ниту од аспект на заштита на жртвите споредено со постоечките  национални протоколи за превенција и заштита од семејно насилство, ниту пак  предвидува мерки за зајакнување на институционалните капацитети за грижа, поддршка и третман  од семејно насилство коишто моментално претставуваат клучна слабост во националниот одговор кон семејното насилство.

4.Улогата на здруженијата во нудење на заштита од семејно насилство не е јасно дефинирана во постоечкиот закон. 

На оваа расправа побаравме да се закаже состанок на  работната група која го изработи овој закон и да се одвои доволно време и простор да се разгледаат сите членови на Законот и се направат потребните измени. 

Иако на јавната расправа на 10 јули ни беше ветено дека ќе бидеме повикани во работната група за да дискутираме за предлог дополнувањата и измените кон законот,  ниту ова наше барање беше испочитувано. И покрај тоа,  како Национална мрежа подготвивме детални коментари кон членови на законот. Коментарите во предвидениот рок беа испратени до одговорните лица кои беа назначени контакти на ЕНЕР и дополнително истите забелешки се обидовме да ги прикачиме на ЕНЕР, но од причина непозната за нас овој обид заврши неуспешно.

Понатаму. На првото читање на законот закажано за 27.08.2014 во Собранието на РМ ја добивме пораката – ниедна суштинска забелешка и предлог на невладините организации не беше прифатена. 

Овој закон со сегашниот текст од ниеден аспект не предвидува подобрена заштитата на жртвите на семејно насилство, особено на жените жртви , ниту пак предвидува превенција на повисоко ниво во насока на спречување на идни насилства. 

Ги поздравуваме напорите на државата за унапредување на заштитата на семејното насилство.

Но како граѓански сектор, потенцираме дека при креирање на законско решение со коешто се планира да унапредат состојбите во превенција и заштита од семејно насилство, треба да бидат земени предвид реалните проблеми и потреби со коишто секојдневно се жртвите на семејното насилство.

Токму затоа денес чувствуваме одговорност уште еднаш да укажеме на реалните состојби од терен со коишто се соочуваат најзасегнатите од овој проблем и да побараме законот којшто сеуште е во процедура да понуди решенија и одговори на реалните потреби коишто постојат во практика:  

1.Клучна слабост во превенцијата и заштитата од семејното насилство во земјата се постоечките институционални капацитети за грижа, поддршка и третман од семејно насилство. 

Најодговорно тврдиме дека во практика не постои сеопфатна заштита на жртвите на семејно насилство. Ги повикуваме надлежните и медиумите и самите да пријават насилство и да го тестираат системот за да увидат дали во Македонија постојат социјални институции коишто ќе понудат поддршка на жртва на пример во попладневните, вечерните или ноќните часови, кога и најчесто се случува семејното насилство. 

Европските стандарди предвидуваат постоење на минимум едно место/ кревет во шелтер центар на 10000 жители и минимум еден советувалишен центар за жртви на семејно насилство на 50000 жени (кој ќе обезбедува советување од секаков тип: кризна интервенција, психолошко советување, бесплатна правна помош и др.) Официјалните податоци говорат дека во Македонија постојат 4 засолништа за жртви на семејно насилство наспроти потребните 20 засолништа (со минимум капацитет од 10 кревети) и 1 кризен центар наспроти потребните 20 центри за популација за нашата земја.

Последното истражување покажува дека за целата популација стапката за сите видови на семејно насилство е 37.7%, односно секој трет граѓанин трпи некаков вид на семејно насилство. Ова укажува дека семејното насилство е еден од водечките социјални проблеми во земјата којшто треба и сериозно да се третира. За да се одговори на овој проблем покрај мерки на хартија, потребни сериозни финансиски инвестиции од страна на државата. Новиот закон за превенција и заштита од семејно насилство, не смее да помине без фискални импликации како што во моментот е предвидено. 

2.Во Македонија, најголем дел од жртвите на физичко насилство се жените, дури 78% се жени. Овој закон не ги препознава девојките и жените како посебна категорија на граѓани особено ранливи на семејно насилство, ниту пак нуди мерки за заштита коишто се прилагодени за нив. 

3.Со новиот закон за сторителот се предвидува отстранување од домот без оглед на сопственоста, до донесување на конечна одлука од надлежниот суд, без да се понуди решение за справување со агресивното однесување на сторителот и намалување на ризиците по здравјето и животот на жртвите на семејното насилство.

Потенцираме дека Македонија  е земја со висока стапка на семејно насилство и недостаток на сервиси за сторители - во целата земја постои само еден сервис којшто работи на третман на сторители во градот Скопје. Предвидената мерка за отстранување на сторителот од неговиот дом, не нуди решенија за регулирање на движењето на сторителите на насилството и нивни третман, со коишто ќе се избегнат ризиците поврзани со безбедноста на жртвите. 

Како, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство: 

-Сметаме за спроведување на овој закон потребно е да се одвојат доволно финансиски средства од државата за отворање на сервиси за семејно насилство коишто ќе бидат достапни за граѓаните на територијата на целата земја, коишто ќе нудат навремена, професионална и сеопфатна заштита на жртвите на семејно насилство, 24 часа на ден колку што и се случува семејното насилство.

-Бараме законот ги препознае  девојките и жените како посебна ранлива група, како што и предвидува Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и заштита од сите форми на насилство врз жените и домашно насилство, чијшто потписник е и нашата земја и да предвиди мерки и заштита којашто е прилагодена на потребите на девојките и жените.

-Бараме покрај примената на мерката за отстранување на сторителот од домот, законот задолжително да понуди мерки преку коишто државата ќе го регулира движењето на сторителот и ќе ја гранатира безбедноста по здравјето и животот на жртвите по отстранување на сторителот од домот.

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo