Corner Соопштенија

12 август - Меѓународен ден на младите 12 Август 2014

На 17 декември 1999 година во Обединетите Нации беше прифатена резолуцијата 54/120 која ги кодифицира сите поврзани меѓународни документи за активно вклучување на младите во политиките кои директно влијаат на нивниот личен и општествен развој. Препознавајќи ја улогата на младите луѓе во подобрување на човековите права и слободи, ООН го прогласи 12 август за „Меѓународен ден на младите“ одбележувајќи го со низа активности и посветеност на подобрување на условите за живот и јавни политики насочени кон младите. Меѓународните владини и невладини организации обезбедија учество на младите на светско ниво со цел да ги поттикнат државите-членки да ги вклучуваат младите при подготовка и носење на успешни националните политики кои директно ги засегаат како целна група.  

Хелсиншкиот комитет се приклучува кон одбележувањето на 12 август препознавајќи ги младите како најважната алка на подобрување на пристапот до човекови права и слободи, воедно ги охрабрува да станат активен општествен чинител при подобрување на правниот, политичкиот, социјалниот, економскиот и интер-етничкиот живот во Република Македонија. За таа цел, Комитетот ја посвети 35-тата школа за човекови права на делата сторени од омраза помеѓу младите кои за жал станаа нивно секојдневие. Школата има мулти-етнички, мулти-национален и мулти-културен карактер која успеа да ја постигне преку соработка со Институтот за мир и човекои права од регионот Долна Нормандија, Франција. Избраните учесници на школата од Македонија и Франција ќе поминат 7 дена заедно во период од 19-25 август обидувајќи се да изнајдат позитивни решенија за делата сторени од омраза помеѓу младите во двете држави. Соработката е овозможена со поддршката на идејата од страна на „Програмата за децентрализираната соработка помеѓу регионот Долна Нормадија и Македонија“.

Комитетот исто така потсетува дека младите во Република Македонија покрај делата од омраза се соочуваат со целосна маргинализација во однос на подобрување на нивните услови за живот во општеството во целост, а особено во студентските домови, пристап до квалитетно образование и недостаток на автономноста на образовните институции. Покрај овие тенденции сведоци сме на масовно иселување на младите во потрага по подобри можности поради социјална и економска несигурност и игноратски однос на државата за нивните потреби. Имено, Република Македонија е на второто место во светот по невработеност на младите 54% (Евростат), која укажува на потребата од социјална и економска сигурност и стабилност. Покрај невработеноста, младите во Република Македонија се соочуваат со загрозување на нивната индивидуалност, слобода на изразување и здружување во сите области, страв од стигматизација, дискриминација и говор на омраза. Овие општествени феномени го завземаат јавниот простор и водат кон целосна сегрегација на општествените групи со цел да се оневозможи заедничко делување за подобар живот.  

Комитетот останува доследен во своите напори преку едукација и поддршка на младите да ги охрабри да ја слават различноста наместо поделбите, да ја слават љубовта наместо омразата и солидарноста кон луѓете кои бараат поддршка во борбата за човековите права и достоинствениот живот кој еднакво ни припаѓа сите нам. 

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo