Corner Соопштенија

Институциите да преземат одговорност за состојбата на измачуваното глувонемо дете 30 Јуни 2014

Деновиве јавноста ја брануваше случајот за глувонемото дете - жртва на тортура од страна на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Бањско. По добиените сознанија дека детето е преместено во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци (Топанско поле) - Скопје, претставници на Хелсиншкиот комитет ја посетија здравствената установа и им се даде можност да остварат средба со малолетното дете. Во медицинската документација, доставена до ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци (Топанско поле) - Скопје, е утврдено дека се работи за дете со комбинирани пречки во развојот - психички и физички. Степенот на пречките во психичкиот развој е умерен, додека за пречките во телесниот развој се утврдени пречки во говорот и гласот и тешка форма на церебрална парализа. 

Со оглед на фактот што претставниците на Комитетот имаа можност да го видат детето и да утврдат дека нормално се движи - оди и трча, неспорно се наметнува сомнежот за погрешно поставена дијагноза од страна на докторите кои го изготвиле наодот и мислењето за видот и степенот на попреченост во физичкиот или психичкиот развој на малолетното дете. Оттука, бараме веднаш да биде извршена рекатегоризација со која точно ќе биде утврдена неговата здравствена состојба  и ќе му се овозможи соодветна грижа и нега. 

Моменталната состојба на детето е последица на потполната воспитна запуштеност и негрижа, што произлегува и од фактот дека воопшто не се направени обиди детето да го научи знаковниот јазик, поради што воопшто не комуницира со надворешниот свет. 

За ваквата состојба, одговорност треба да преземе Центарот за социјални работи - Битола, кое го водело случајот на малолетното дете. Во делот на тортурата, сметаме дека јавното обвинителство треба веднаш по службена должност да постапи и да го истражи конкретниот настан на нечовечки и нехуман третман и да покрене обвинение против сторителите, но и одговорните лица во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Бањско. 

Бараме Министерството за труд и социјална политика да одговори на прашањето зошто дозволило детето да биде сместено во Заводот за рехабилитација на деца и младинци (Топанско поле) - Скопје, да ја извести јавноста дали е извршен надзор врз Центарот за социјални работи Битола, што е констатирано и дали ќе бидат преземени мерки за утврдување на одговорност на лицата што постапувале во конкретниот случај и кои дозволиле малолетното дете да биде доведено во состојба на целосна запуштеност. 

Дополнително, доколку се утврди дека детето нема тешка форма на целебрална парализа, треба да се покрене постапка за утврдување на одговорност на страната на докторите за несовесно вршење на работата и работните задачи.

Соопштението можете да го преземете на следниов линк  

Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo