Corner Соопштенија

Измените на Законот за семејство водат кон дополнителна маргинализација на децата во ризик 14 Март 2014

Мрежата за заштита од дискриминација*  ја истакнува својата загриженост околу најновите измени и дополнувања на Законот за семејство, кои се однесуваат на основите и постапката за одземањето на вршењето на родителското право. Имено, со најновите измени и дополнувања на членот 90 од Законот за семејство се утврдува дека како злоупотреба или грубо занемарување на родителското право ќе се смета и наведувањето на питачење, односно користење на детето за питачење од страна на родителот. Согласно овој член како злоупотреба или грубо занемарување на родителското право се смета исто така ако родителот му дозволува употреба на алкохол, дрога или други психотропни супстанции како и наведување на детето на општествено неприфатливи поведенија. Во иститот член е регулирано дека во случај на злоупотреба на родителско право или грубо занемарување на родителското  право МУ СЕ ОДЗЕМА  вршењето на родителското право во вонпарнична постапка.

Со погоренаведените измени и дополнувања во целост се менува и уредува постапката на Центрите за социјална работа во случаите на злоупотреба или грубо занемарување на родителското право. Со овие измени  најпрво се пропишува надзор над вршењето на родителското право и стручно советодавна работа со родителите и децата. Доколку родителот не постапи по укажувањата на ЦСР или ако родителот со своето постапување го довел во опасност животот на детето, ЦСР е должен веднаш времено да го одземе детето, да му обезбеди соодветно згрижување на детето и да покрене постапка за одземање на родителско право. Исто така се уредува и дека  ЦСР е должен веднаш да поведе постапка против родителот за сторено кривично дело.

Иако со ваквото законско решение се добива впечаток дека државата прави обид за грижа и заштита на правата на детето, се поставува прашањето дали законските измени ќе профункционираат во пракса за заштита на правата на децата, со оглед дека досегашната работа со овие категории на лица не покажала особен напредок и не резултирала со подобрување во заштитата на правата на децата, бидејќи  државата нема обезбедено примарни и неопходни услови за згрижување и работа со овие маргинализирани групи.

Од искуството на членките на Мрежата за заштита од дискриминација  утврдено е дека ваквите драконски мерки на одземање на родителско право и кривичен прогон на родителите најчесто се применуваат на родители, односно семејства кои се на маргините на општеството, кои се материјално и социјално најзагрозени, кои се без постојано живеалиште, семејства каде родителите немаат склучено формална брачна заедница, па фигурираат како самохрани родители, каде има историја на употреба на дроги како кај родителите, така и кај малолетните деца, и кои во најголем број случаи се од ромската заедница.

Во сите погоренаведени ситуации, децата се одделуваат од родителите, се сместуваат најчесто во постоечките институции за сместување на деца без родители и родителска грижа, но за брзо време истите повторно се на улица каде се изложени на истите ризици. На овој начин преку овие измени државата применува мерки според кои ја избегнува својата одговорност во обезбедување соодветни услови и можности за заштита на овие маргинализирани групи и континуирана работа со цел нивна ресоцијализација, а применува мерки со кои родителите ќе бидат казнети, а правата на децата повторно нема да бидат заштитени. Токму од тие причини, сметаме дека државата треба да носи законски решенија со кои ќе се обезбеди надзор и советување на родителите на подолг рок, но и превенција, а одземањето на родителското право треба да биде последната мерка, која ќе се користи во исклучителни случаи на злоупотреба и грубо занемарување на родителските права.

ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ • Неда Чаловска • Neda.Calovska@mhc.org.mk • ++ 389 77 699 411


*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС - Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА.
Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo