Corner Соопштенија

Комерцијална банка го промени нееднаквиот третман кон слепите лица 14 Февруари 2014

Мрежата  за заштита  од дискриминација*,  заедно со Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија  и Националниот  сојуз на цивилни  инвалиди  од војната  на Македонија, поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација. Претставката беше  поднесена  против сите банки во Република  Македонија  со цел утврдување  на дискриминација која се врши врз оваа група луѓе. Нееднаквиот третман се однесува на користењето на банкарски услоги и производи за кои е неопходен потпис на корисникот при што банките не го признаваат потписот од слепите лица, не дозволуваат користење на факсимил и ги принудуваат да ополномоштат трето лице кое би потпишувало во нивно име и за нивна сметка. Слепите лица се соочуваат со проблеми и при користењето на електронско банкарство поради внатрешните прописи на банките (употреба на токени, кодови и слични сигурносни  алатки кои слепите лица не се во состојба да ги користат).  Дополнително, банките не обезбедуваат употреба на асистивна технологија, како што е на пример говорниот банкомат, браевиот печатач, софтверските решенија за пристапност до електронски услуги итн.

Подготвеност за промена на ваквиот нееднаков третман покажа единствено Комерцијална банка АД Скопје,  која потпиша  Меморандум  за соработка  со Националниот  сојуз на слепите на Република Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Согласно одредбите од Меморандумот, банката ги промени своите внатрешни прописи и овозможи приемот и испраќањето на финансиските средства и користењето на останатите услуги, слепите и лицата со оштетен вид, да го вршат самостојно, директно и со помош од страна на банкарските службеници, без притоа да биде неопходно присуство на полномошник.  За оваа цел, банката обучи  6 вработени кои веќе постапуваат во делот на електронското банкарство, отварање на тековни сметки и отворање на сеф.

Исто така, банката досега обучи 12 слепи и лица со оштетен вид за користење на услугите и производите на електронското банкарство (интернет, еапликации итн.), а за овој месец закажани се уште две обуки за кои досега се пријавени 10 лица. Банката ја прилагоди и постапката за изнајмување на сеф од страна на слепите и лицата со оштетен вид, на начин што сега истите можат да отворат сеф во присуство на двајца банкарски службеници.

Со истакнување   на ваквата позитивна  пракса  на Комерцијална  банка, која значително придонесе за надминување на проблемите со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид, сакаме да ги поттикнеме и останатите банки да го следат овој пример и да ги прилагодат своите  услуги  за потребите  на оваа група луѓе. Воедно,  сакаме  да потенцираме  дека Комисијата за заштита од дискриминација и во овој случај не донесе одлука во законски предвидениот рок од 90 дена, поради што ја повикуваме што поскоро да се произнесе по однос на поднесената претставка и да утврди дискриминација кон слепите и лицата со оштетен вид.

ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ • Неда Чаловска, Neda.Calovska@mhc.org.mk • ++ 389 77 699 411

*Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС - Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); РОМА С.О.С. Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост - ПОРАКА.
Twitter Facebook
Normal_banner-free-mk Normal_______________________ Normal_banner-lgbti Normal___________mk Normal_strategy_mk_photo